Шимпанзата препознаваат кога луѓето се глупи и се обидуваат да им помогнат

Голем дел од нашиот социјален живот подразбира способност да се внесеме во менталната состојба на друг човек и да си ги прилагодиме дејствата врз основа на она што тие можеби го знаат или мислат. И тоа не (толку) за нивно, колку за наше добро, да ги предвидиме нивните следни чекори и ако се негативни по нас или по околината да ги спречиме. Ама изгледа луѓето не се единствените што функционираат на овој начин.

Доказите дека други животни освен луѓето ја применуваат „теоријата на умот“ (внесување во положбата на другите и преземање соодветни дејства) се мешани, но постојат и алтернативни толкувања на истата. Двајца истражувачи на Универзитетот Џонс Хопкинс, Лук Таунроу и Кристофер Крупенје, нашле начин да тестираат дали некои од нашите најблиски роднини, бонобо шимпанзата, можат да развијат емпатија кон состојбата на умот на човекот со кого соработуваат. 

Најинтересниот заклучок притоа е - тие знаат кога човекот прави глупост и се обидуваат да го „опаметат“. Во случајов мотивирани од сопствена корист. 

Експерименталниот пристап е едноставен и ја вклучува онаа улична игра „каде е топчето?“ - омилената на уличните измамници. Во оваа верзија шимпанзото може да гледа додека еден експериментатор ја става наградата под чашката, а сите други чашки остануваат неподвижни во текот на експериментот. За да ја добие храната под една од чашките шимпанзото треба да соработува со втор човечки ескпериментатор. Тој (човекот) треба да ја идентификува вистинската чашка, а потоа да ја даде наградата што стои под неа на бонобото. Во некои експерименти, овој човек може да гледа како се крие наградата преку проѕирен параван, и да знае точно каде е. Во други верзии параванот не е проѕирен, што значи дека човекот нема поим каде е наградата и може само да погодува на слепо.

Оваа поставка значи дека бонобото секогаш ќе знае каде е храната, но исто така ќе знае дали човекот можел потенцијално да го има истото знаење. 

Се покажало дека шимпанзата се однесувале различно кога експериментот се одвивал зад непроѕирна препрека во споредба со другата верзија. Во првиот случај, бонобоата многу бргу почнувале да му сигнализираат на човекот што требало да ја погоди вистинската чашка каде е храната. Притоа, ако човекот глумел или покажувал вистинско двоумење, тие биле толку нестрпливи што ова го правеле во првите 10 секунди откако параванот бил отстрануван. Некои биле толку агилни што дури и нивниот човечки партнер да бил зад проѕирна препрека и точно да знаел каде стои храната, тие пак му покажувале, во случај да е глуп и да не го сфатил истото. 

Ова е сепак ситуација која никогаш не би се случила во дивина. Шимпанзата во случајов соработуваат со човек, плус тешко дека некогаш би дошле во ситуација да треба да погодат под која чашка стои некаква храна. Токму затоа ваквите резултати според критичарите треба да се земат со резерва и да не се генерализираат во однос на општото поведение на шимпанзата, и кога станува збор за други шимпанза и за луѓе. 

Најагилен (или најгладен) бил шимпанзо по име Теко, што значи дека и помеѓу повеќе испитаници (во случајов три шимпанза) не можеме да направиме разлика дали некои од нив се просто потемпераментни, поемпатични или поинтелигентни во вакви ситуации. А можеби се само поостри критичари кога ќе видат дека другите се глупави?

извор

4 февруари 2025 - 10:24