Знаете она кога ќе решите 80% од крстозборот, ама ќе ви останат неколку што ве нервираат? Наташа Лион, ѕвездата од нашата омилена серија „Руска кукла“, која е голем обожавател на составувањето зборови (самата има направено крстозборка за Њујорк Тајмс) може да ви помогне за сума која во моментов достигнува околу 2000 долари.
Ова е дел од аукцијата на Коалицијата на синдикалната солидарност, на која фановите можат да купат единствено искуство кое ќе им го пружат некои од ѕвездите-учесници, а како поддршка на нивните колеги кои за време на штрајкот ќе ги загубат своите извори на приходи и здравствено осигурување.
За соодветна сума на и-беј можете (ако сте во САД) да запишете час по грнчарство со Бизи Филипс, Лена Данам да ви наслика мурал дома, Адам Скот да ви го прошета кучето, па дури и да слушнете совети за љубовни врски од Розмари Девит и Рон Ливингстон. Ние очекуваме некако магично да го добиеме шеширот на Том Вејтс, а немаме против и вечера со Боб Оденкирк („Брејкинг бед“, „Бетер кол Сол“).
Оваа кампања за собирање средства се случува откако на 1 мај Синдикатот на сценаристи на Америка повика на штрајк, по неколкунеделни преговори со Алијансата на филмските и телевизиските продуценти, асоцијацијата кои ги претставува главните стриминг компании и студија. По 100 дена имаше повторна средба, но преговорите остануваат на мртва точка. Во меѓувреме се случија голем број откажувања на снимања, неучества на фестивали, како и тешка финансиска состојба за оние кои не се на листата на најплатени холивудски работници.
Види претходно: Почнува најголемиот штрајк во Холивуд во последниве 60 години