Трогателната телевизиска средба од 1998 помеѓу еден човек, Британецот Николас Винтон, и некогашните деца кои тој ги спасил од речиси сигурна смрт, фрли светлина на една неверојатна приказна, која сега е преточена во холивудски филм. Главната улога, на човекот кого го нарекуваат „Британскиот Шиндлер“, го игра Ентони Хопкинс. Премиерата се очекува следниот месец на Меѓународниот филмски фестивал во Торонто.
Под наслов „Еден живот“, филмот ќе раскаже како сер Николас, лондонски трговец на берза, кој ја добил витешката титула во 2003, им помогнал на млади Евреи да избегата од окупираната Чехословачка во 1938.
Околу 10.000 деца, од кои повеќето Евреи, биле испратени во Велика Британија помеѓу ноември 1938 и септември 1939, со тн. Киндертранспорт, програма за спас на децата од повеќе територии контролирани од нацистите.
Сер Николас ја убедил британската влада да им овозможи на деца од Чехословачка, Германија и Австрија влез во земјата. На родителите не им било овозможено да ги придружуваат на патот кој требало да биде привремен чекор, додека не биде безбедно враќањето дома.
Заедно со неколку волонтери, вклучително и неговата мајка, сер Николас им обезбедил сè што им е потребно на децата, вклучително згрижувачки семејства и пари за патните трошоци. Последниот воз кој требало да замине на 1 септември 1939 бил откажан поради почетокот на војната.
Него од тогаш го прогонувала идејата што се случило со сите тие деца, особено со оние на кои не успеал да им помогне. Како резултат на тоа неговото херојство останало непознато. Така било сè додека, 50 години подоцна, сопругата на сер Николас не открила тетратка на таванот во кој тој водел детален преглед на имињата на децата и нивната дестинација. Веста за ова се проширила, до моментот кога продуцентите на Би-би-си ја организирале спомнатата средба-изненадување помеѓу него и некои од децата.
Филмот кој му е посветен е сниман во Прага, од каде е вршен транспортот, и каде во 2009 е откриен спомени на сер Николас. Во филмот се појавува и Хелена Бонам Картер во улогата на неговата мајка. Тој почина на возраст од 106 години во јули 2015.