Магнус Хиршфелд (1868-1935) бил германски доктор и сексолог, основач на Научниот хуманитарен комитет, организација за која се вели дека ја спровела првата промоција на хомосексуалните и трансродовите права. Нејзината цел била укинување на Параграфот 175 од германскиот кривичен закон кој ја криминализирал хомосексуалноста, а нејзиното мото „Правда преку наука". Хиршфелд за оваа цел успеал да собере над 5000 потписи од познати Германци, меѓу кои Херман Хесе, Алберт Ајнштајн, Рајнер Марија Рилке и Томас Ман.
Заради неговите активни заложби на ова поле Хиршефелд бил, не без иронија, наречен „Ајнштајн на сексот", а заради еврејското потекло и хомосексуална ориентација бил често малтретиран од властите, особено во времето на нацистичка Германија, кога му било одземено и државјанството. Сепак, тој не само што бил научно и општествено ангажиран (се зачленил дури и во феминистичката организација „Заштита на мајките" која се борела за декриминализација на абортусот), туку се обидувал своите ставови да ги пренесе и преку различните медиуми кои тогаш стоеле на располагање. Во 1919, на пример, учествувал во правењето на филмот „Различен од останатите", во кој се појавил еден од првите хомосексуални ликови на големото платно. Автор е на повеќе книги, меѓу кои и „Сексуалната историја на Светската војна" од 1931 (тогаш уште не знаел дека ќе има и втора), објавена на англиски во 1934, но значително скратена и цензурирана, без оригиналните илустрации.
Токму оваа книга, во оригинал на германски, во два големи тома со црвен платнен повез, Горан уште како дете ја пронашол во татковата библиотека, со возбуда разгледувајќи ги експресионистичките цртежи на Георг Грос и Ото Дикс, вулгарните војнички разгледници, пропагандните постери, фотографиите на инвалиди и проститутки, на сиот тој карнален ужас. А сега таа му служи како инспирација за новата драма, "Figurae veneris historiae", чија премиера е во четврток, 16.10 во Љубљана, во режија на Ацо Поповски.
Историјата во претставата е прикажана како масовна човечка оргиjа, а војната како средство со кое историјата и човештвото меѓусебно се силуваат. Стефановски, во краткото образложение кон драмата, го цитира Џојс, кој вели „трагично е и комично да се гледа како луѓето се обидуваат да се разбудат од ноќната мора на историјата", а самиот додава - „А и ако успееме да ја растераме оваа срамна хипноза, дали ќе се засрамиме?"