„Тантра“ е збир верувања и обреди кои водат потекло од Индија од 6-тиот век. Има Рамос, кураторката на изложбата која на пролет ќе биде отворена во Британскиот музеј во Лондон, секогаш кога ќе спомнела на што работи ги добивала истите две прашња - дали тоа е исто што и Кама Сутра? И дали е тоа она што го практикува Стинг?
Одговорот е - ни тоа, ни тоа. Стинг долго време е поврзуван со уживањето во маратонски тантрички секс сесии заради интервју кое го има дадено во 1990 во кое спомнува непрекинати седумчасовни телесни задоволства за кои е подготвен заради долгогодишната медитација. Во интервју за Гардијан во 2013 тој, на општо задоволство и олеснување, сепак призна дека бил пијан и дека само се обидувал да смисли нешто интересно за новинарот.
Тантра-та е врзана со голем број стереотипи и недоразбирања. Таа има повеќе врска со еротското и концептите на желба и страст, отколку со нивното директно задоволување. Станува збор за духовно искуство кое го надминува плотното, и кое ги вклучува сите аспекти на сензуалното, од кое се црпи енергија и за „обични“, несексуални дејства.
Тантра го добила своето име од свети текстови кои често се напишани во форма на дијалог помеѓу бог и божица. Така, помеѓу изложените предмети ќе се најдат четири вакви најрани тантра ракописи, направени во Непал околу 12-тиот век, и позајмени од библиотеката на Универзитетот во Кембриџ.
Битен фокус ќе биде ставен на важноста на божествената женска моќ и критиката на перцепцијата на женскоста како пасивен и смерен. Во таа смисла, вклучен е 9-вековен рељеф на храм од Мадја Прадеш на кој е претставена гневната божица Чамунда, како игра врз труп. Во 19 век тантра исто така станала алатка за индиските револуционери кои се бореле против британскиот колонијлизам, а божицата Кали станала симбол на независноста.
Посовремениот дел од изложбата се фокусира на 20 век и како, особено во 1960-тите и 1970-тите, тантрата била толкувана како движење за промовирање на антикапиталистички идеи и слободна љубов.
Британскиот музеј поседува една од најголемите збирки тантрички материјал во светот, а сега ќе се обиде да му ги претстави на светот преку нови интерпретации кои имаат врска со родот, религиозниот плурализам но и човечката благосостојба генерално.
„Тантра: од просветителство до ревлуција“ ќе биде отворена на 23 април, а ќе трае до 26 јули. Би било финта црвената лента да ја пресече баш Стинг.