Кога во 2006 Жоакин Феникс имал сообраќајка близу Лос Анѓелес слушнал тропкање по стаклото и спокоен глас кој му велел: „Oпушти се, ќе биде во ред". Тоа бил Вернер Херцог, кој откако се уверил дека Жоакин е жив и здрав, едноставно исчезнал. Но неговиот глас уште долго одѕвонувал во главата на актерот.
Истата година некој случајно го застрелал Херцог со воздушна пушка во стомакот додека овој давал интервју за Би-би-си.
Oва се само две од многуте анегдоти и сеќавања во новиот мемоар на Херцог, „Секој за себе а Бог против сите“ кој излезе неодамна во превод на англиски кај издавачот Пингвин Рендом Хаус. Тие се токму тоа - забавни „цртички“ во неговиот живот полн екстремности. Многу порано, во 1961, кога бил решен да го посети Конго, на самата граница фатил дезинтерија и минал недели очи во очи со смрта. Сето ова се случува во колиба во Египет кадешто режисерот бил сам, додека не дошле да го спасат германски инженери кои работеле на браната Асван. Десет години подоцна, додека го снимал „Акира или Божјиот гнев“, тој и членовите на неговата екипа биле исфрлени од лет кој потоа се срушил, при што погинале сите патници освен еден. Подоцна Херцог ќе направи документарец за тој човек, под наслов „Крилја на надежта“.
Книгата ги покрива неговите рани години, без затскривање на факти, на пример тоа дека двајцата негови родители биле нацисти. Уште повеќе, татко му бил војник во Вермахтот и долго време по војната останал верен на идеалите на Рајхот и бил против „американизацијата“ на Германија. Следат повеќе или помалку расфрлани приказни, кои според критиката прават книгата да делува анархичко и како збир епизоди нафрлани по слободни асоцијации, но се секако интересни особено за фановите на Херцог. Последното поглавје има наслов „Крајот на сликите“ и во него тој пишува:
„Крајот доаѓа. Замислувам радикално отргнување од патот на мислата, аргументот и сликата. Не само приближување кон мрак во кој одредени нешта се уште можат да се почувствуваат, туку мрак во кој тие веќе не постојат, темнина исполнета со страв, со замислени чудовишта“.
Ако го прочитате со гласот на Вернер во главата, и не звучи толку лошо.