Седе ваканте: хаосот што се случувал по смртта на папа

Во 16 и 17 век смртта на папата резултирала со нешто што може да се нарече ватикански „Див запад“, од уништување на статуи на поранешни папи до вооружено насилство на улиците. До прогласувањето нов папа требало да се издржи. Или добро да се вложат парите во обложувалници. 
 

Во 1549, тогаш славниот готвач Бартоломео Скапи бил соочен со предизвик: готвење за папската конклава во Рим. Кардиналите требало да бидат држени во строга изолација за да изберат нов папа по смртта на Павле Трети, па секоја достава на храна била внимателно прегледувана за случајно да не содржи тајни пораки. Питите биле забранети, исто како и целите кокошки, бидејќи во нив полесно се криеле пораки.

Како што собирот на кардиналите се влечел, така намерно им се крателе оброците за побргу да донесат одлука. Биле целосно затворани прозорците, па во просторијата било задушно, а дома биле испратени и слугите. Збутани во малите дрвени клупи на капелата Паолина и во Систинската капела, кардиналите станувале се понервозни. Кога водечки кандидат се разболел и умрел, настанал хаос - фрчеле обвинувања за труење. 

Надвор, европските монарси давале се од себе за да се замешаат во процесот, а рачно пишувани „њузлетери“ наречени ависи кружеле низ градот, ширејќи ги најновите гласини. Римските банкари имале свој интерес од резултатот, бидејќи формирале нешто како обложувалница. Додуша по некое време веќе не се обложувале кој ќе биде новиот папа, туку кога сето тоа ќе заврши (вклучително и 1 наспрема 10 дека тоа ќе биде „никогаш“). 

Конклавата конечно завршила на 7 февруари, по два месеца изолација на кардиналите и неизвесност за надворешниот свет. 

За ваквиот сериозен пристап имало добра причина. Папите во доцната Ренесанса, а и по неа, не биле само духовни фигури туку и политички лидери. Смртта на понтифот создавал вакуум во владеењето - судовите не заседавале, затворите се отворале и сите затвореници во групи парадирале на плоштадот Кастел Сант'Анџело на другата страна на градот. На улиците излегувале луѓе со краток фитиљ и оружје во рацете. Особено било тешко за еврејското население, кое било малтретирано од толпата и од полицијата. Во време кога местото на папата било празно, Ватикан издавал посебна монета (слика горе), на која имало само чадор за сонце над два прекрстени клуча.

Често ова бил моментот кога на површина излегувала фрустрацијата од претходните папи. Статуи на поранешни понтифи биле уништувани. По смртта на крајно непопуларниот папа Павле Четврти, толпата ја обезглавила негавата статуа и ја влечела низ градот неколку денови, за на крај да ја фрли во нечија штала. Мермерната статуа на Бернини на папата Урбан Осми едвај ја избегнала истата судбина. 

Работите излегувале од контрола до таму што локалните власти во една прилика размислувале да најмат бајач за да го исчисти градот од чума и од конфликт. Извесен Деметриос, идентификуван во изворите како Грк и како магесник, се преставил себеси на локалните власти и се понудил да го стори ова. Но излегло дека тој имал малку контроверзни методи: со себе водел див бик, магично и привремено скротен од некаква мантра, па кога со него стигнал блиску до Ватикан бил уапсен од властите (подоцна бил ослободен од затвор од група бунтовници).

Не дека и самите кардинали не биле суеверни. Оној кој имал амбиција да стане папа спиел под сликата на Св. Петар кој ги добива клучевите од Исус, или се обидувал да заземе место кадешто вообичаено стоел папскиот трон. 

Sede vacante или празната папска столица довела и до нов уникатен уметнички жанр: конклавски графики. На нив се прикажани сцени од Ватикан од птичја перспектива, кардинали како се молат и групи швајцарски стражари во марш. 

Денес живееме во информациско доба кога не зависиме од рачно напишани „ависи“ за да се информираме. Па сепак, тајноста на конклавата е посилна од кога и да е. Парадоксално, повеќе знаеме за она што се случувало во конклавата во 16 век, отколку за оние неодамнешните. Ватикан се уште издава монети sede vacante, но сега мотивите на него се исковани на евро. 

23 април 2025 - 08:47