Ред носталгија, ред антиимперијализам

Сандокан слави 130-ка

Повозрасните меѓу нас, што низ магла, што јасно, се сеќаваат на серијата за „тигарот од Малезија“. Емилио Салгари го промовирал како лик во весник далечната 1883, за потоа да му посвети уште 11 книги. Тие одиграле значајна улога во формирањето на слика за еден свет чија основа е едноставна. Оние од „високото добро утро“ и денес би имале нешто против неа.

Кога на телевизија таа 1977 ќе се чуеше „Сандокаааан!", а потоа првите тактови на песната која го креваше адреналинот, улиците на градовите во Југославија беа празни како за време на некој важен натпревар. Од семејниот ручек во недела во два се влегуваше директно во џунглите полни со тигри, на јужните мориња по кои Сандокан и неговите гусари војуваа против британските империјалисти.

Рамо до рамо со крвавите борби, потопените бродови, лекциите за слободата, пријателството и предавството, имаше место и за љубовна приказна, со дискретен еротски набој. Маркантниот Сандокан, со долга коса, црна брада и смарагднозелени очи, се сакаше со русокосата Маријана, објектот на тогашните момчешки соништа, која на крајот на серијата погина („Кога издивна во шумата, три дена не излегував од соба...Заради Маријана потајно навивав за тигарот кога Сандокан се бореше со ѕверот", напишал некој под снимката на серијата на Јутјуб).

Заради серијата се купуваа маици, перници, моливи со ликовите на главните јунаци, албуми со сликички. Можеби за прв пат на овие простори и музиката беше дел од замаеноста со некоја серија или филм. Насловната песна на италијански се вртеше на сите радио станици, децата на улица пееа свои верзии: „Сандокан, Сандокан, љуби цуре/к'о тигар се бори сваки дан, има жену и децу и трособан стан...". Дискос од Александровац објави „народњачка" преработка на синглот кој достигна сребрен тираж. Со музика која беше претходник на „јужен ветар", машко-женски хор со оркестарот на Радивоје Митровиќ Барајевац пееше: „Кад си дошла у мој живот донела си сунца сјааај, а ово је Маријана твој последњи загрљаааај".

Се слушаше фрчењето на одредени културни пуританци затоа што народот полудел по нешто што е најобичен кич, но тоа беа оние кои претерано и не се разбираа ни во кичот ни во културата. Серијата за многумина беше само надоградба. Во тоа време, нормалниот дел од растењето подразбираше и читање литература за деца и младина, чиј неизоставен дел беше и Емилио Салгари, творецот на Сандокан. Навистина, постерите на Кабир Беди и Карол Андре во излозите на книжарниците тогаш ја подобрија продажбата на неговите деца, но и пред него малкумина ги немаа прочитано Црниот гусар и Карипската кралица.

Заедно со Салгари, и Карл Мај, Жил Верн и куп други писатели формираа слика на светот чија основа е едноставна - борба против неправдата и угнетувањето, за чест, за слобода, општи човечки вредности кои се секаде исти, од Сандокановата Малезија до Винетуовата Америка. Звучи банално, но списокот на „сериозни" автори кои го сакаа Салгари покажува колку таа „баналност" влијаела на историјата и културата на светот. Освен Умберто Еко, тоа се Федерико Фелини, Габријел Гарсија Маркес, Карлос Фуентес, Хорхе Луис Борхес, Серџо Леоне, Хуго Прат...Биографот на Че Гевара, Пако Инасио Таибо, вели дека Чеовиот антиимперијализам може да се толкува како „салгаријански во коренот".

„Сандокан" мина низ многу европски земји, но Југославија сепак нешто ја чинеше посебна. Во времето на доцниот социјализам, кога се прикажуваше кај нас, на граѓаните на оваа држава „егзотичниот" свет, како оној во кој војуваше Малезијскиот тигар, им беше многу поблизок отколку на другите Европејци. Таа блискост беше последица на неврзаноста, добрите човечки, деловни и културни контакти со „третиот свет", кој тукушто ја имаше завршено борбата започната уште во Сандоканово време и во Југославија гледаше како во некој вид светилник. Таа блискост создаваше некој вид гордост, која ја дополнуваше тоа што на Југословените им беа отворени вратите и на другата, „западна" страна.

Затоа приказната за Сандокан на овие простори не е само носталгично потсетување на златните години на детството, туку и приказна за времето кога луѓето тука навистина се чувстуваа како дел од светот, кога децата во некои книги учеа за вредностите „на макар нестварниот, но здравиот и питок идеализам". Тоа што подоцна до збор дојдоа примитивци неспособни да сфатат што значат тие зборови, само покажува дека никогаш не го читале Салгари.

Автор: Момир Турудиќ („Време" од 7.11.2013 - со претплата)

Трејлер за стрипот за Сандокан на Хуго Прат кој почнал да работи на него уште во седумдесетите, но го напуштил заради друг лик кој го преокупурал - Корто Малтезе. Сепак во 2009 се објавени недовршените скици со предговор на колега на Прат, кој случајно ги пронашол во кутија во својот подрум (Прат почина во 1995).

Славната песна за Сандокан, со крцкање на плочата

8 ноември 2013 - 08:07