
Независна британска комедија, направена „штапом и канапом“ од телевизиска скеч група? Звучи како филм кој би бил заборавен за неколку недели откако би престанал да се прикажува во кино салите, ако воопшто и почне да се пушта таму. Но „Монти Пајтон и светиот грал“ за многумина е најголемата комедија на сите времиња. 50 години по премиерата во април 1975, Тери Гилијам кој го режираше филмот со Тери Џонс, мисли дека знае зошто. „Секојпат кога го гледам самиот сум восхитен колку е неверојатно прекрасен“, вели тој. „Се уште е смешен и ми се допаѓа сè во врска со него“.
Тимот на Монти Пајтон прв пат се појави заедно на телевизија во серијата на Би-би-си, „Летачкиот циркус на Монти Пајтон“ во 1969. Пет од шест членови - Тери Џонс, Греам Чепмен, Џон Клис, Ерик Ајдл и Мајкл Палин, го вежбале својот занает во студентски хумористични друштва на Универзитетите Оксфорд и Кембриџ. Шестиот, Гилијам, се преселил од Британија од САД, и обезбедил анимирани сегменти кои ги поврзувале надреалните скечеви. Во 1971, некои од нив биле повторно снимени и собрани во филмот „А сега нешто сосема различно“. Но Пајтоновци имале амбиција да направат асли игран филм.
Додуша, не биле сите загреани за оваа идеја. Џон во тоа време ја снимал серијата „Фолти тауерс“, Ерик настапувал на телевизија и си терале своја работа. Но двајцата Теријевци сакале да режираат филм, а и Палин бил за. Ниту една друга ТВ серија до тогаш не се прелеала на големото платно, па сепак тие сметале дека ова е можно.
Палин денес се сеќава дека приказната за витезите на Тркалезната маса на кралот Артур била одличен „темплејт“ бидејќи секој од нив можел да игра по еден витез, а и поради тоа што легендата им била позната на сите, но никој не знаел детали. Оттаму, ова било „бришан простор“ кој можел да се пополни со што и да е.
Така и биднало. Во филмот има лажни шведски титлови, препознатливата анимација на Гилијам, тројански зајаци, витези што викаат „ни!“, дебата за тоа дали ластовиците се доволно силни за да носат кокосови ореви и модерен историчар кој тук и таму упаѓа за да коментира пред да биде брутално заклан од витез-минувач. Со други зборови тотално откачено - не е ни чудно што од Би-би-си одлучиле да не инвестираат во филмот. Помеѓу поединците кои го спасиле филмот со свои донации биле Лед Цепелин, Пинк Флојд и разни дискографски куќи.
На овој начин тимот имал огромна слобода. Но буџетот сепак бил многу скромен - само 400.000 долари. Ова не биле многу пари за фантазија лоцирана во средовековна Британија, па морале да бидат креативен. Тоа што Артур и неговите воини одат пешки а слугите зад нив чукаат на преполовени кокосови ореви (имитирајќи коњски тропот) бил еден од начините, а за да не трошат пари за дозволи за снимање во повеќе замоци, еден ист во Шкотска бил снимен од различни агли за да изгледа дека станува збор за друга градба.
„Светиот грал“ доведе до два други антологиски филмови, „Животот на Брајан“ (1979) и „Смислата на животот на Монти Пајтон“ (1983). Голем број од изразите вклучени во дијалозите имаат влезено во британските речници, а некои од ликовите се станати архетипи. И покрај тоа што изгледа дека хуморот е радикален, тој сепак се однесува на реални и препознатливи луѓе и карактери.