Цели шест години, почнувајќи од 1921, Никола Сако и Бартоломео Ванцети, од своите клупи гледале како писатели, политичари и радикали се борат за нивно ослободување, организирајќи дури и протести и поставувајќи бомби во нивно име. Но во мај 1927 парот левичарски идеолози веќе ги исцрпил сите опции и било јасно дека ќе завршат на електрична столица.
Ванцети имал некаква утеха, која ја споделил со новинар којшто го посетил во затворот: „Да си го живеев мојот обичен живот ќе умрев како непознат, како некој што не успеал. Но ова е нашата кариера и нашиот триумф. Нашите зборови, нашите животи, нашите болки, тие не се ништо! Но одземањето на нашите животи - животот на еден добар чевлар и сиромашен рибар - тоа значи сè!“
Секако, ова бил горчлив триумф. Сако и Ванцети, на возраст од 29 и 31 година во времето на нивното апсење, потекнувале од миље обвиткано во сомневање и предрасуди. Тие биле радикални италијански емигранти од работничката класа, кои се залагале за насилно укинување на политичките и капиталистичките институции со што според нив би се овозможил свет во кој нема да има влада, полиција, судови, шефови и каков и да е авторитет. Обајцата ја одбегнале регрутацијата во Првата светска војна. Делото за коешто биле обвинети - две убиства и грабеж во фабрика за чевли во 1920, не содржело никакви идеолошки назнаки, ниту пак испраќало некаква посебна политичка порака. Оттаму, тие најверојатно немале никаква врска со него, туку системот го искористил за да ги отстрани како негови непријатели.
Контекстот во којшто се осудени и погубени исто така придонесува за ваквиот сомнеж. Ксенофобијата била во подем во САД, втората итерација на Ку Клукс Кланот бил формиран во 1915 а тој таргетирал црни Американци, католици и имигранти, вклучително и Италијанци. Конгресот точно во 1921 донел рестриктивни имиграциски закони, за да го спречи влегувањето на „непожелните“ и на радикалните политичари од Европа по Првата светска војна. Руската револуција од 1917 го поттикнала првиот „црвен страв“ а бројни атентати на светски лидери поттикнале јанѕа од анархизам. Во 1919 серија бомби поставени од следбеници на италијанскиот анархист Луиџи Галеани, а против високи американски политичари и капиталисти, биле доказ за оправданоста на овие стравови.
За Сако и Ванцети се сметало дека се дел од оваа група. Тие се сретнале во 1916 на фабрички штрајк кој го организирал вториот. Во текот на следните години тие се залагале за работничките права, а за да одбегнат регрутација заедно избегале во Мексико. Кога биле уапсени во врска со спомнатиот грабеж, образложението на обвинителите било дека со парите тие сакале да ги финансираат анархистичките групи. Во нивните станови била пронајдена таква литература, оружје, а имало и наводни сведоци кои ги идентификувале.
На почетокот судењето, водено од судијата Тајер, не било следено со внимание. Но ова се променило кога нивниот адвокат, Фред Мур, кој и самиот бил анархист, почнал јавно да истапува не само во САД, туку и да испраќа претставници во Европа, кои го ширеле гласот за двајца невини луѓе судени поради нивните политички убедувања. Се формирал и посебен комитет за поддршка и одбрана, кој бил медиумски активен, особено во тогашните левичарски списанија и весници. Се организирале протести во сите поголеми градови во Северна Америка и Европа, па дури и во далечните Дубаи, Јоханесбург и Токио. Сето тоа резултирало со атмосфера која веќе не била толку стабилна - сведоците на обвинителството почнале да се повлекуваат или да даваат контрадикторни изјави, член на поротата бил обвинет за давање дискриминирачки изјави уште пред судењето, а во 1925, четири години откако биле осудени, друг човек ги признал делата и накнадно ја потврдил невиноста на Сако и Ванцети. Тогаш дури и конзервативните весници кои претходно ја поддржале оригиналната одлука на судот се покајале, а меѓу нив бил и Њујорк Тајмс.
Во текот на судењето гласни биле и голем број писатели, научници и уметници, кои им давале поддршка на обвинетите. Меѓу нив Дороти Паркер и Една Сент Винсент Милеј, Џорџ Бернард Шо, Марија Кири, Ајнштајн. Сепак, ништо од ова не помогнало.
Денес, по еден век, ова се уште е лекција за судскиот систем и можните предрасуди врз основа на кој тој ги носи своите одлуки. Во 1977, на 50 годишнината од егзекуцијата на Сако и Ванцети, гувернерот на Масачусетс Мајкл Дукакис издаде прокламација со која се отстранува секаков сомнеж дека тие биле виновни за делата за кои добиле смртна казна.
Дополнување по дојава на читатели:
И оваа, од Енио Мориконе