Сакате да си ја поттикнете креативноста? Отселете се.

Не дека ова значи да се отселите од Македонија (иако, зошто да не?). Просто значи дека ако сакате да го постигнете својот најдобар и најкреативен труд, преселбата на ново место – или работењето од повеќе различни места – може да го забрза тој процес. 

Нова студија која ги зела предвид биографиите на добитници на Нобел покажала дека научниците кои често се селеле почнувале со својата наградувана работа до две години порано од оние кои останале на едно место. Оние што работеле на повеќе локации започнувале дури и до 2,6 години порано.

Според коавторот на студијата, професорот по економија на Универзитетот во Охајо, Брус Вајнберг, научниците кои се движат или работат на повеќе локации добиваат шанса да се сретнат со други истражувачи и идеи што можат да ги комбинираат со своите.

„Слушаат интересни идеи на едно место, па сосема различни на друго, и од тоа создаваат нови и значајни концепти“, вели Вајнберг. „Ако останат на едно место, до тој пробив може да дојде многу подоцна, или воопшто да не се случи.“

Студијата, направена во соработка со други истражувачи од Њујорк и САД, се базира на податоци за добитници на Нобелова награда по хемија, медицина и физика од 1901 до 2003 година, вклучувајќи ги нивните локации и кога точно започнале со наградената работа.

Наодите покажуваат дека преселба на секои две години може да го намали времето до започнување на наградената работа за околу две години. Дури и преместување на секои пет години носи забрзување од околу 0,7 години. Работа на повеќе локации во исто време (на пример, универзитет и истражувачки центар како ЦЕРН) скратува до 2,6 години од тој временски период.

Околу 5% до 10% од добитниците ја почнуваат својата наградена работа уште во првата година од кариерата, но кај многумина тоа се случува дури по 10, 20, па и 30-40 години.

Иако е тешко за научниците да го преместат целиот свој труд и лабораторија, преселбата може значително да го поттикне истражувањето. Исто така, академските отсуства (sabbaticals) може да понудат можности за промена на средината.

Според Вајнберг, ваквото движење е корисно не само за научниците туку и за креативни луѓе од други области – сликари, уметници, иноватори – бидејќи новото опкружување и различните идеи поттикнуваат креативност.

Иако студијата не го испитува директно влијанието на новата средина сама по себе, авторите сметаат дека промена на контекстот може да биде инспиративна.

„Поголема е веројатноста да дојдете до нова идеја ако се движите, запознавате нови луѓе, стекнувате нови искуства и се среќавате со различни начини на размислување“, заклучува Вајнберг.

13 мај 2025 - 14:38