Цела измината недела во Њујорк се одвиваше фестивалот World Voices of International Literature, на кој учествуваа писатели и уметници од 78 земји. На последната, гала вечер, која се одржа вчера (5.5), беа доделени неколку награди од страна на Американскиот ПЕН центар, литературната организација за човекови права.
Меѓу другите, 25 години по фатвата за „Сатански стихови", признание за неговата долгогодишна работа во оваа организација, чиј претседател беше во еден мандат, доби и Салман Ружди, кој го основал и споменатиот Фестивал во 2005. На истата манифестација наградата за дигитална слобода, која се доделува прв пат, доби и главниот на Твитер, Дик Костоло. Тоа беше повод и Ружди да биде запрашан за неговите ставови за Твитер, кои очигледно се смениле откако последен пат пишувавме за нив. Имено, пред само неколку месеци тој остро му одговори на Џонатан Франзен на забелешката дека писателите си го губат времето на Твитер, со зборовите: „Уживај си во стакленото ѕвоно".
Неговите чувства сега се помешани. Од една страна тој се согласува со ставот на фондацијата ПЕН дека Твитер „ја овозможува и ја брани слободата на говорот", и дека содржи потенцијал за политички промени, заради што некои режими се плашат од него.
Но од друга страна Твитер толпата знае да се однесува баш така, ко стадо. „Секој безглаво трча во истиот правец, и постои многу мал напор да се открие што е вистина. Има многу од она што се нарекува „вистиникавост" (thruthiness - нешто што интуитивно изгледа како вистина, а фактички не е) на социјалните медиуми, а да не спомнувам колку има и омраза.“ Пред неколку години Ружди си го почувствува тоа на својата твитер кожа кога се обиде да ја искористи платформата за објавување стихови во врска со Ким Кардашијан.
„Некој ме праша тогаш: Зошто не твиташ за важните работи? Па имам право да се интересирам за поп културата. Еден писател се интересира за тоа како луѓето живеат, мислат и зборуваат, за што прават муабет и какви сè глупости има во нивните глави", вели тој. Но сите тие расправии го замориле, па тој сега ретко твита (го следиме, а можете и вие на @SalmanRushdie).
Она што меѓу другото ни се виде интересно е погрешното цитирање кое го прави Ружди, припишувајќи му го, во интервју за Vulture, терминот „вистиникавост“ на Џорџ Буш. Всушност вистинскиот автор на овој збор е Стивен Колберт, на кого Ружди подоцна му се извини на...Твитер.
Eве ја епизодата на Колберт Рипорт во која овој израз се појави за прв пат.