Писателот и цртач Рајан Норт ни го овозможува токму ова - во неговата нова книга „Ромео и/или Јулија", на која неговото име е напишано покрај она на Шекспир, приказната е така конструирана што читателот може сам да бира како таа ќе се одвива. Притоа тој/таа можат да се идентификуваат со карактерите, па ако на пример сте Јулија и сакате во следната сцена да го бакнете Ромео, тогаш сè што треба да направите е да свртите на таа и таа страница, а ако сакате наместо тоа да му удрите шамар, тогаш на друга.
Книгата е прилично обемна (476 страници), па оттаму ваквите „раскрсници" во приказната се бројни. Неговиот мотив не било ова да е само обична наративна финта, туку да пренесе една според него важна порака - дека приказните се нешто во кое може креативно да учествуваме и притоа да се забавуваме. Истовремено, за младите читатели ова е многу поинтересен начин да се запознаат со книгата, отколку да ја читаат на архаичен јазик, знаејќи однапред како ќе заврши. Во оваа книга Ромео и Јулија не само што не умираат, туку во една верзија ја освојуваат Верона претворени во - роботи.
Ваквите експерименти, конечно, ги правел и самиот Шекспир, „позајмувајќи" мотиви од други автори и рециклирајќи ги во нови дела, кои потоа станале толку славни што веќе и не било важно што им претходело. Бидејќи ваквите обиди сепак често балансираат на опасната граница помеѓу популаризацијата и банализацијата, еден ироничен коментар на судбината на Ромео и Јулија е дека нивниот крај повторно би бил предвидлив доколку тие останеле заедно - како старци ќе се мразеле и ќе си мрчеле, како никогаш да не биле оние Ромео и Јулија, страсните љубовници. Доколку пак истиот автор мисли да прави ваква верзија на Хамлет, таа би можела да биде многу кратка - за „да се биде" свртете стр. 2. За „да не се биде" престанете со читањето.