Во една Букбокс читанка во која ги анализиравме познатите светски диктатори како писатели, го спомнавме и Садам Хусеин и неговата богата книжевна кариера. Во неа, меѓу другото, спаѓаат четири романи од кој дебитантскиот, љубовниот „Забиба и кралот", е преточен и во мјузикл, рекламиран како „најголемата продукција на сите времиња". Повеќето свои дела Хусеин ги пишувал под псевдоним „Авторот", а можно е да користел и најмени „пишувачи" кои тој само ги надгледувал.
Едно од делата, објавено со помош на неговата ќерка во Joрдан во 2005, сега ќе се преведува на англиски. Независниот издавач Хесперус го опишува како „мешавина помеѓу Игра на тронови и Куќа од карти", а ќе излезе во декември 2016, кога се навршуваат десет години од погубувањето на Садам.
Досега преведувана на други јазици под наслов „Бегајте ѓаволи, вие проклети", романот се фокусира на племе кое живеело покрај Еуфрат пред 1,500 години, а кое се соочува со можна инвазија. Во моментот кога излезе во 2005, Њујорк Тајмс го опиша како „парче евтина литература кое лесно се заборава". По неговото објавување во Јордан, каде набргу е забранет за продажба, романот е објавен во 2006 и на јапонски и турски.
Пред почетокот на војната во Ирак од 2003, сите книги на Хусеин беа дел од наставната програма. По неговата смрт преводот и продажбата на книгите се контроверзна тема во голем број земји, иако во продажба се и „пиратски" копии и преводи.