Очигледно завидливи на неговата работливост и амбициозност, развивме теорија дека и нему, како и на Тито на времето, некој мора да му ги пишува книгите. А штом ги има многу, и се напишани по нарачка, тогаш мора да не чинат.
„Диктаторската" литература се поврзува со најцрните епитети кои можат да ѝ се припишат на која и да е уметничка форма – се произведува на тони, и за ништо не ја бива. Задоволувајќи се со двете нејзини основни функции, да ја пропагира соодветната идеологија, и да оди со секој мебел кој во моментот го има во продажната мрежа, таа по падот на режимот кој ја создал останува да чмае по библиотечните подруми и приградските отпади, заедно со уште еден куп симболи на старото и ретроградно. Но дали во книжевноста продуцирана од диктаторите навистина нема ни зрнце „уметнички дојам", или дрвјата и камењата кои се фрлаат по неа е нуспојава на нивната генерална жигосаност „како такви"? Ако нивниот начин на владеење не чини, дали автоматски и нивните писанија се ѓубре?
Ајде да видиме. Културолошки најблиска некако ни се гледа советската литература, и нејзиниот претставник, Јозеф Сталин. Пред да стане познат по убиствата на милиони негови сограѓани, тој бил локално познат грузијски поет, кој пишувал цветни оди за природата и работничката класа. Делото на младиот Џугашвили се сметало како доволно добро за да биде вклучено во престижни книжевни списанија од тоа време, па дури и во антологии на грузиската поезија. Еве извадок од неговата хаику-лајк песна „Утро", која некои подоцна успеале да ја прочитаат како метафоричен отпор кон царистичката репресија:
„Розевата пупка се отвори
Поита кон темно-сината темјанушка
Лелеан од слабото ветерче
Кринот се веднее над тревата"
Еден од истражувачите на делото на Сталин вака ја опишува неговата поезија, која се вклопува во стандардите на 19-вековниот романтизам – „Не е премногу оригинална. Дури не мислам ни дека е особено добра. Малку е конвенционална, дури и детска". Кога доаѓа од еден диктатор, „романтична" и „детска" звучи речиси трогателно. Макар била и лоша.
Но помеѓу диктаторите има и добри поети. Ајатолахот Хомеини бил инспириран од древната персиска поезија, особено од Руми, познат по неговите алегорични љубовни песни во кои верата и телесните задоволства се сплотуваат во едно. Можеби затоа најчестиот опис кој го користат критичарите на делото на Хомеини е – „изненадувачки"! И навистина, за некој кој го воведе теократскиот режим во Иран и повикуваше на убиство на Салман Ружди заради навреда на исламот, е изненадувачки да користи симболи, алузии и метафори како вино, љубов и физичка убавина. По неговата смрт во списанието New Republic излезе следнава песна, која делува необично секуларно:
„Отвори ја вратата на кафаната,
и пушти нè да седиме во неа и дење и ноќе.
Го отфрлам товарот на аскетизмот и лицемерието -
градскиот оџа ме удави со неговите совети,
па побарав помош од здивот на виното.
Остави ме сам да се сеќавам на храмот на идолите,
Јас, кој бев разбуден од раката на кафанскиот идол."
Уредникот на ова списание во интервју за Њујорк тајмс изјавил: „Излезе дека тиранинот е религиозен интелектуалец во најдобрата смисла. Неговиот радикален, бунтовнички мистицизам е фасцинантен". И навистина е...
Додека САД планирале инвазија врз неговата земја, Садам Хусеин минал неколку недели работејќи на неговиот нов историски роман, за древно племе кое се обидува да даде отпор на странски напаѓачи. Да ја завршел, тоа би била негова петта книга. Дебитантската „Забиба и кралот" била објавена во 2000., а следувале „Утврдениот замок" (2001), „Луѓето и градот" (2002) и „Танцот на ѓаволот". Последнава била завршена само еден ден пред инвазијата на САД и изнесена од Ирак од една од Садамовите ќерки. Романите биле популарни во Ирак (кој знае зошто..), а последниов бил преведен дури и на јапонски. Најинтересен од нив е сепак првиот, „Забиба и кралот", според кој Ирачкиот национален театар направил дури и мјузикл, рекламиран како „најголемата продукција на сите времиња". Се работи за љубовна приказна со атмосфера на 1001 ноќ, во која една убава жена се заљубува во крал по име Арап, и го учи за исламот и како да ја раководи земјата. Љубоморниот маж на Забиба треба да ја претставува лошата Америка, која го малтретира невиниот Ирак. Најчесто употребуван збор во книгата е „шупак", и тој се однесува токму на злобниот сопруг на Забиба. Но сепак врв на книжевниот дострел е една бизарна сексуална сцена:
„Дури и едно животно ја почитува желбата на мажот. Нели и мечката се обидува да го задоволи овчарот кога ќе го повлече во планините, како што се случува на северот на Ирак? Таа го носи во нејзината пештера за таму тој да ја задоволи нејзината желба и да копулира со неа. Нели таа му носи бадеми, кои ги собира од дрвјата или од грмушките? Нели влегува во куќите на селаните за да им украде малку сирење па дури и суво грозје, за да го нахрани човекот и во него да ја разбуди желбата тој да ја земе?"
(според англискиот преведувач на книгата, мечката треба да ја претставува Русија..)
Саша Барон Коен илити Борат наскоро ќе направи адаптација на Забиба и кралот и ќе го глуми Арап. Филмот „Диктаторот" се планира за мај 2012, под мотото „херојска приказна за диктатор кој го ризикувал неговиот живот за да обезбеди дека демократијата никогаш нема да влезе во земјата која тој со толку љубов ја малтретирал".
Туркменскиот автократ Сапармурат Нијазов (за неговите сограѓани познат како Туркменбаши, или Водач на сите Туркмени) на младите им препорачувал да ја читаат неговата книга „Рунама" три пати дневно, ако сакаат да одат во рајот. Во текот на неговото владеење, кое започнало по распадот на Советскиот Сојуз и завршило со неговата смрт во 2006., тој воспоставил култ на личноста, кој според еден аналитичар на Њујоркер претставувал мешавина на Ким Јонг Ил и волшебникот од Оз. Додека бил на власт, докторите во неговата земја не се давале Хипократова, туку Туркменбашова заклетва, а првиот месец од годината бил преименуван во Туркменбаши. Неговата книга од 400 страници се однесува на туркменскиот идентитет, филозофија и историја, а била напишана „со инспирација на Бог, кој го има создадено овој прекрасен космос". Туркменскиот народ, според „Рунама", има историја која води до Ное. Неговото име доаѓа од два збора, ТУРК што значи суштина, и ИМАН што значи светлина – Туркмените значи се народ создаден од светлина. По смртта на Нијазов книгата веќе ја нема по библиотеките, училиштата и на телевизиите, каде во текот на владеењето на Нијазов еден канал бил посветен исклучиво на промовирање на неговото дело.
За Ким Јонг Ил, северно-корејскиот диктатор, се смета дека има напишано 1,500 книги, и тоа само во текот на неговите студентски години. Некои од неговите книги се: „За уметноста на операта", „Ајде да напредуваме под бајракот на марксизмот и ленинизмот", „Нашиот социјализам фокусиран на масите нема да исчезне", итн. Но неговата најпозната книга сепак е „За кинематографската уметност", објавена во 1973, која можете да си ја купите на Амазон за $27.50. Во неа Ким дава совети за филмските работници, за нивните колективни напори при правењето на филмското дело, кое треба да ги содржи базичните принципи на социјалистичката идеја. Со еден збор, тој се залага за „револуционерна трансформација на практиката на режирање". Што и да значи тоа..
За делата на Гадафи се вели дека се напишани во халуциногена река на свеста. Иако е најпознат по политичкиот трактат „Зелената книга" од 1975, тој пишувал и кратки раскази и есеи, во кои недостасува дури и базичен заплет или содржина. Еден од најбизарните примери е расказ насловен „Самоубиството на астронаутот". Се работи за астронаут кој откако се враќа од мисија во вселената не може да се прилагоди на стариот живот и околина и се убива. А расказот е дел од книга за деца.
Диктаторите значи не се по дефиниција лоши писатели. Како и „обичните" луѓе кои се обидуваат да пишуваат, и нив ги има и вакви и такви. Работата е дали можеме во проценката на нивното дело да се раководиме само од естетски критериуми, или секогаш ќе бидеме оптеретени од нивниот живот и вонкнижевно дело? Ајде признајте, сте прочитале ли нешто од Тито?