Николај Андреевич Римски Корсаков е еден од петте најзначајни руски композитори на 19 век, меѓу кои се и Модест Мусоргски и Александар Бородин. Сите тие живееле и работеле во Санкт Петербург, град кој поради тоа станал познат по својот богат музички живот. Сепак, Државниот конзерваториум во овој град го носи името токму на Римски-Корсаков.
Познат по оригиналноста на својот стил, тој во голема мерка се инспирирал од рускиот фолклор, а ваквата склоност била формирана уште од детството поминато во градот Тихвин во Новгородската губернија. Но тоа подоцна станало многу повеќе од само пресликување фолклорни мелодии и мотиви - Корсаков самиот одел на терен и запишувал напеви и текстови, правејќи ги нотациите по слух. Во 1875 објавил зборник „100 руски народни песни“, кој може да се нарече прва антологија на жанрови од рускиот фолклор во историјата.
Сево ова го дознаваме од текст на етномузикологот Ирина Теплова објавен во списанието Македонски фолклор бр. 73 од 2018 (достапно само во печатено издание). Тој ги опишува и анализира и помалку познатите ракописни фолклорни материјали на Римски-Корсаков, кои денес се чуваат во Руската национална библиотека во Санкт Петербург.
Особено интересни меѓу нив се зачуваните нотации на извици на продавачи и продавачки, а кои укажуваат на тоа што се продавало во тоа време во руските градски средини: „Печурки свежи, печурки“, „Врвки, врвки“ (се мисли на јажиња) и „Метли за метење под!“. Нивната нотација ја отсликува говорната интонација, што ги инспирирало и подоцнежните фолклористи да продолжат со ваквиот начин на запишување, не само на извици на продавачи, туку и повици кон животни или кон соседи. Според нив резултатите од анализата на овој жанр можеле да ги откријат важните прашања за особеностите на примарните елементи од кои се образувала музичката мелодија во својата наједноставна, примитивна форма.
Помеѓу записите кои се чуваат во архивата на Корсаков неочекувано се јавуваат и такви поврзани со традиционалната музика на Монголија, кои им припаѓаат на други истражувачи, а кои го одразуваат интересот за културата на народите на Истокот кој постоел во Русија во 19 век. Тие се резултат на експедиција на Тибет на лингвистите Руднев и Шнитников, кои интересирајќи се за различните дијалекти во овој дел од светот направиле и фонографски записи на песни, но бидејќи не биле музички образовани му се обратиле за совет и помош токму на Римски-Корсаков, нарекувајќи го „специјалист и почитуван композитор“.
Извежбаното и упатено уво сигурно може да препознае влијанија на она што композиторот го запишувал и преслушувал како фолклор и она што го творел. А материјалот кој го собрал пред повеќе од 100 години и натаму се користи од страна на музичките историчари и фолклористите.