Денес во римскиот Форум постои круг од камења, кој е одминуван од повеќето од посетителите. Невпечатливиот „споменик“ е всушност фасцинантно парче римска историја - некогаш бил храм на Venus Cloacina, или Венера на канализацијата.
Оваа комбинација, на божицата на љубовта со човечки отпадоци можеби звучи необично. Но докази за нејзиното постоење сепак има. За неа пишувале Плиниј, Свети Августин, а постојат и монети кои го содржат името на божицата и опис на нејзиниот храм, онаков каков што некогаш бил: отворена платформа обиколена со статуи во лелеави наметки.
Храмот денес не постои, но тн. „божица на ВЦ-ата“ живеела во фолклорот уште многу векови. За класично образованите господа, Клоакина била асоцијација на безобразни и валкани нешта. Таа се појавува во делата на Александар Поуп, Џонатан Свифт, а последниов напишал стихови во чест на новоизградениот тоалет на пријател во кои ја споменува:
Тука, нежната божица Клоакина
добива понадици во својот храм.
Во одделни ќелии тој и таа
ѝ се молат со свиени колена.
Сочувано е и писмо на британски лорд до својот син, од околу 1747 година, во кое тој му советува да не си го губи времето во тоалет, туку да понесе со себе текстови од Хорациј, да ги проучува додека седи на шоља, а потоа да ги фрли страниците во дупката „како жртва на Клоакина“.
Сепак, Клоака Максима најверојатно не била канализација во денешната смисла на зборот, па целата работа може да е и недоразбирање. Тоа бил голем одвод, кој ја пренасочувал дождовницата од улиците во реката Тибар, додека римските тоалети најчесто биле со септички јами, неповрзани со системот на канализација. Дури и богатите, кои имале вода за пиење дома, не ги поврзувале тоалетите со системот, загрижени да не дојде до поплавување. Имало и урбани легенди за некој огромен октопод кој плива под земја и повремено излегува на површина преку тоалетите, слично како приказните за алигаторите во њујоршката канализација, кои всушност изразуваат вознемиреност за она што е скриено под градовите. Можеби Венера од канализацијата требало да штити токму од вакви опасности.