Скопје-Битола?

Резиденции за писатели во воз

Низ прозорецот пука Пацификот, пред тебе топло кафе и лаптоп, и дур возот речиси бесшумно лизга по пругата единственото нешто што треба да правиш е да напишеш неколку збора за тоа колку ти е убаво. Би се менувале и за Пелагонија, само да има интернет и чиста крпа.

Aмериканската железничка компанија Амтрак, за која секојдневно возат 374 возови, кои поврзуваат 896 дестинации во 46 држави, воведува резиденцијална програма за писатели. 24-те одбрани автори ќе добијат повратна карта за дестинација по нивен избор, со тоа што патувањето треба да трае помеѓу два и пет дена.

Како што се вели во соопштението на фирмата, критериумот за некој да добие ваква можност се „страста за пишување и желбата да се патува со Амтрак за инспирација", што значи дека повикот не се однесува само на професионални писатели (што и да значи тоа), ниту пак само на веќе објавувани и искусни.

Идејата ја поттикнал писателот Александар Чи, кој во интервју од 23. декември во врска со неговиот нов роман „Кралица на ноќта" изјавил дека возовите му се омилено место за пишување, и дека многу би сакал Амтрак да има ваква програма. Следеле ентузијастични коментари на Твитер, кои стигнале и до компанијата. Како некаков тест тие ја ангажирале Џесика Грос, писателка од Њујорк која пишува за Њујорк Тајмс Магазин и Париз Ривју, да пропатува од Њујорк до Чикаго и назад и да ги опише нејзините искуства на својот блог (повеќето од возовите имаат ви-фи).

Еден од нејзините написи интересно го објаснува нејзиниот, и мотивот на повеќето писатели кои би сакале да ја добијат резиденцијата:

„Секогаш сум била клаустрофил (обратно од клаустрофоб), и мислам дека тоа објаснува зошто ова ме привлекува - возот е затворен простор, преграден простор, удобно мал, како сопче во факултетска библиотека. Се си има свое место. Крпата мора да стои на држач под огледалото, лавабото во дупка во ѕидот, во текот на денот креветот се собира во висок вдлабнат простор. Има некое спокојство во сигурноста на овие распореди. Патувањето е исто така определено: знам кога ќе заврши. Времето минато во воз е најдено време".

Неколку, ако не и сите елементи во овој опис некако не ни се вклопуваат во нашето локално железничко искуство. Крпа и огледало? Спокојство и сигурност кога возењето ќе заврши? Интернет? Од друга страна токму заради авантуристичкиот аспект на возењето со нашата железница од сето тоа може да излезат и поинтересни, напнати и емоционално возбудливи текстови. МЖ е на потег.

10 март 2014 - 08:34