„Здравиот разум“ е еден од оние термини за кои сите здраворазумски (sic!) се согласуваме што е, а всушност е многу релативен и подложен на толкувања. Од латинското sensus communis, тој означува знаење, проценка и вкус кој е ПОВЕЌЕ ИЛИ ПОМАЛКУ универзален и за кои постои консензус без потреба од дискусија или размислување. Всушност, македонскиот превод е уште посензитивен со оглед на замената на зборот „заеднички“ (common) со „здрав“. Така излегува дека ако одредено мислење „штрчи“ или не се вклопува во колективната матрица, тогаш тоа е - нездраво.
Без оглед на различните преводи, интересно е што терминот ги спојува во едно сетилните перцепции, рационалната мисла и интуицијата - не мора да си учел што е „здраворазумско“ за да го разликуваш во реални животни ситуации. Или барем тоа е претпоставката. Но што кога за истото дебатираат претставници на различни култури, со сосема различни непишани етички кодекси, традиции и сфаќања за одредени феномени? Чиј „здрав разум“ тогаш е по здрав?
Терминот станува особено опасен кога го користи политичар, а уште повеќе кога тој политичар е претседател на светска сила. Тогаш „револуцијата на здравиот разум“ може да прозвучи и злокобно, затоа што претпоставува дека ставовите и одлуките на конкретната политичка опција којашто ја претставува претседателот се очигледни, непогрешиви и дека не можат да се доведат во прашање.
Така, здраворазумски е да се претпостави дека секоја војна со жртви и материјални губитоци би требало да се спречи или да биде запрена. Но здраворазумските начини како и дали воопшто ова да се направи и не се толку „комон“ како што изгледаат на прв поглед. Оттаму, изразот станува популистичка вербална алатка која на граѓаните треба да им укаже дека изборот што го направиле е разумен. А има ли нешто повисоко од разумот, особено ако е жив и здрав?