Една верзија вели дека славниот сликар самиот си го исекол увото со брич во момент на лудило, по расправија со колегата Гоген, кратко време пред Божик 1888. Крварејќи, тој го завиткал во шамивче, отишол до блискиот бордел и и го подарил на проститутка, која паднала во несвест кога сфатила за што се работи. Друга верзија вели дека всушност Гоген му го исекол со меч при вжештена расправија (намерно или случајно), но дека Винсент ја измислил приказната со лудилото за другар му да не оди во затвор.
Како и да е, увото стана заштитен знак на Ван Гог. Она истото кое сега е изложено во Центарот за уметност и медиуми во Карлсруе, Германија.
Добро, не е баш истото, но ова е направено од човечки клетки добиени од далечен роднина на сликарот. Уметникот Димут Штребе всушност употребил клетки од чукунвнукот на брат му на Винсент, Тео за да создаде жива реплика на увото. Тоа е направено во бостонската болница Бригам, со користење на 3-Д печатач. Тоа во моментов се одржува во живот со тоа што е поставено во проѕирна кутија полна со хранливи течности, и „теоретски може да трае со години".
Луве Ван Гог, како што се вика „дарителот", има 1/16 иста ДНК како и Винсент. Проектот кој изгледа како комбинација на наука и уметност за малку ќе пропаднел, откако примерокот ДНК обезбеден од фондацијата Кустодија од Париз се покажало дека не е поврзан со сликарот. Првично идејата било да се употреби оригинален „биолошки материјал" добиен од коверт кој Ван Гог го користел во 1883. Тој требало да биде екстрахиран од ковертот, клониран и на крај вметнат во живите клетки добиени од Луве.
Без оглед на ова, музејот-организатор вели дека на крајот на краиштата и не е најважно дали историскиот материјал потекнува од Ван Гог или од некој друг, туку дека целиот проект има повеќе симболичко и концептуално значење.
Концептуалноста се состои во тоа што во склоп на изложбата посетителите можат да зборуваат во увото преку микрофон. Кога звукот ќе почне да се движи низ течноста и ќе допре до вештачките нерви, зборовите се менуваат и звукот - онака како што го слуша увото - создава аудио инсталација.
Изложбата во Германија ќе биде поставена до 6. јули, а во 2015 се планира нејзино гостување во Њујорк.