Реквизитите од „Брејкинг бед" во колекцијата на Смитсонијан

Националниот музеј на американската историја Смитсонијан, како што гласи неговиот официјален назив, во својата збирка ја има шапката која ја носел Линколн вечерта кога бил застрелан, знамето кое го инспирирало Франсис Скот Ки да ја напише американската химна, а сега и „кристалот“ на Волтер Вајт.

Овој вторник Смитсонијан во Вашингтон беше домаќин на актерите и екипата на „Брејкинг бед“, при што во музејската збирка беа предадени повеќе од 10 реквизити користени во неа. Целта: „да се одаде признание за влијанието на шоуто врз американската култура".

За оние кои не ја гледале серијата (има ли такви?), низ нејзините пет сезони се следи ликот и делото на Вајт, наставник по хемија, кој откако дознава дека е болен од рак на бели дробови почнува да произведува и продава „мет", за да го обезбеди неговото семејство, притоа упаѓајќи во разни смешни, но често и опасни ситуации.

„Артефактите" донирани на музејот вклучуваат две жолти ХТЗ одела и гас маски кои Вајт ги користи со неговиот поранешен студент Џеси Пинкман додека „готват" во нивната лабораторија, мала пластична ќесичка „Сино небо" (синиот амфетамин којшто го произведуваат во серијата), лична карта која му припаѓа на баџанакот на Вајт, инспектор за наркотици, хартиена чашка од Лос Полос Херманос, фаст-фударница и место за перење пари во Албукерки, Ново Мексико, и - веројатно најдоброто - црната шапка која Вајт ја носи секогаш кога се претставува како страшниот дилер Хајзенберг (псевдоним позајмен од Вернер Хајзенберг, физичарот кој го формулирал принципот на неопределеност).

При церемонијата во музејот Брајан Кранстон, кој го играше Вајт, изјавил дека му недостасуваат колегите од сетот, но не и самата серија.

„Беше као убав оброк. Имавме аперитив, убава салата, предјадење, главно јадење, десерт и кафе. Замислете после кафето, кога сте прекрасно заситени, да дојде некој и да ви понуди уште десерт. Ако прифатите ќе го уништите дотогашното искуство. Не знам дали мојот лик би трпел уште нешто благо по слаткото патување на Брејкинг Бед".

Досегашниот најпопуларен предмет од шоу-бизнисот во сопственост на музејот беше парот црвени чевлички кои ги носеше Џуди Гарланд во „Волшебникот од Оз". Неговата растечка телевизиска збирка вклучува предмети од Mad Man, Seinfeld и All in the Family. Но сите овие, заедно со предметите од Брејкинг бед, нема да бидат изложени додека не се отвори посебна галерија во 2018. Двајт Боуерс, кураторот во Смитсонијан, пресреќен изјавил: „Ме воодушевува кога ќе помислам дека јас сум човекот што донел кристал мет во музејот".

Нас само уште едно нè интересира: зошто во колекцијата ја нема протезата на Туко?

12 ноември 2015 - 09:16