На 10 септември во Чифте амам се отвори изложбата „На работ“ на Гоце Наневски и Дориан Јовановиќ. Низ повеќе медиуми тие ја истражуваат (и коментираат) актуелната социјална реалност на „сега“ и „тука“, низ конструирани авторски наративи, но и деконструирани исечоци од медиумите и масовната култура.
И сето ова можеби звучи преакадемски и „суво“, додека едно петочно попладне не појдете сами во празниот амам и не се задлабочите во поставката, без гужвите што ги подразбираат свечените отворања и замелушеноста од отсуството на воздух во неговите тесни простории. Тогаш деловите почнуваат да ја формираат големата слика, но и обратно - внатре деловите да се забележуваат детали кои инаку лесно можат да ви „прелетаат“.
Покрај елементите чиј наслов почнува со „На работ...“ (на конструкцијата, опстанокот, мислата, бранот, релативноста, среќата), едно видео ни привлече посебно внимание поради својот естетски „дојам“, но и моќната симболичка порака.
RackeT или „Рекет“ е речиси шестминутна снимка со дрон на водна површина, во која „лебди“ метален објект, платформа во форма слична на тениски рекет. На неа најпрвин има бели птици - езерски галеби - кои спокојно заземаат позиции на координати со речиси совршена геометриска симетрија. Но набргу заплетот се згуснува. Стрпливиот гледач забележува „натрапници“ - црни птици од видот Голем корморан (или „гаро“ по охридски) - кои полека но сигурно ги потиснуваат (како да им вршат „рекет“) на белите летачи и почнуваат да доминираат со решеткастиот објект. Во петтата минута, тој веќе е целиот „поцрнет“ од кормораните, а белите птици можат да се видат само како лебдат наоколу во водата. Она што најмногу остава впечаток е што промената се случува многу мазно, без (барем од она што е видливо од над-птичја перспектива) некаква драма и конфликт, просто како кореографија или „природен“ тек на нештата.
Она што посебно фасцинира е дека видеото е снимено во живо во 2023 во Охрид, на неколку стотини метри од Куба либре, без ВИ, анимации, симулации и компјутерски ефекти. Авторот, Гоце Наневски, вели дека тоа е слика за хегемонистичкиот менталитет на мала група наспроти големата група. Но истото може да се разбере и на микро ниво, кога мрачното во нашите глави ќе почне незабележливо да го заменува светлото и доброто. Кој знае уште колку вакви „соработки“ помеѓу уметноста и природата ни се случуваат пред очи, сакајќи нешто да ни кажат. Ама кој да ги забележи?
Поставката во Чифте амам ќе биде отворена до 27 септември.