Неодамна осамна дигитална петиција чиј текст гласи: „Нелиценцираната употреба на креативни дела за тренирање генеративна вештачка интелигенција е голема и неправична закана упатена кон изворите на приход на луѓето зад ваквите дела, и оттаму таа не смее да биде дозволена“.
До денес, 24.10., неа ја имаат потпишано 19.000 луѓе, меѓу кои големи имиња од различни уметнички области, како нобеловецот-писател сер Казуо Ишигуро, актерката Џулијан Мур, актерите Кевин Бејкон и Ф. Мареј Абрахам, Том Јорк од „Рејдиохед“ и други.
Петицијата се појавува среде легални битки помеѓу креативни професионалци и компании кои ги користат нивните дела за тренирање модели како ЧетЏипити, без притоа да имаат дозвола за истото. Организатор на писмото е британскиот композитор и поранешен извршен директор на компанија за ВИ, Ед Њутон-Рекс.
„Има три клучни ресурси кои им се потребни на ВИ компаниите за да изградат модели: луѓе, компјутерска моќ и податоци. Тие трошат огромни суми на првите две - понекогаш и по милиони долари на инженер, а до милијарда долари по модел. Но третото сакаат да го земат без пари“, вели тој.
Њутон-Рекс е поранешен раководител во фирмата Стабилити ВИ, но даде отказ минатата година поради убедувањето на фирмата дека користењето содржина која подлежи на авторски права за обука на моделите е „фер употреба“, термин кој според американското законодавство означува дека не е потребна дозвола од сопственикот на делото.
Тој додава и дека кога компаниите ги нарекуваат овие дела „податоци за обука“, истите ги дехуманизираат. А она за што станува збор се всушност многу човечки романи, сликарство, музика.
Петицијата е потпишана не само од поединци, туку и од цели организации и компании, меѓу кои Американската федерација на уметници, Европскиот совет на писатели и Јуниверзал мјузик груп.