Сара Гудриџ во нејзино време, 1820-тите во САД, била позната по сликањето минијатурни портрети. Но една нејзина слика е посебна. Се вика „Разоткриена убавина“ и претставува минијатура насликана со водени бои на парче слонова коска, со димензии 6.7 на 8 сантиметри. На неа се прикажани разголените гради на уметницата врамени во бело платно, така што изгледа како целото останато тело да не постои.
Гудриџ му го подарила овој „портрет“ на државникот Даниел Вебстер, кој бил чест модел на нејзините портрети и веројатно нејзин љубовник. Годината била 1828, неговата сопруга само што починала, па Сара со овој гест можеби сакала да го испровоцира тој да ја земе за жена.
Вебстер се оженил со друга, побогата, но портретот останал во неговото семејство до 1980-тите, кога е продадено на аукција.
Техниката на сликата, пред сè градацијата во боите, дава тридимензионален ефект на разголените гради, розовите брадавици и едвај забележливата бенка. Гудриџ имала 40 години кога ја насликала минијатурата, па некои критичари велат дека градите се малку „разубавени“, како со своевиден филтер, овозможен од хармонијата на светлината, бојата и симетријата.
Минијатурни слики со делови од телото на саканиот имало и претходно, на пример оние наречени „очи на љубовниците“ кои се разменувале помеѓу парови во Британија во втората половина на 18 век (на оваа тема види претходно тука). Сепак гестот на оваа сликарка се смета за прилично храбар со оглед на времето во коешто е направена сликата, како еквивалент на денешните „нјуд пикс“.