Бидејќи хамбургерите се прават од месо, логична претпоставка е дека нивното име е одраз на некое минато време кога тие биле правени од шунка (ham). Всушност, шунката и хамбургерите имаат некаква врска, но не кога станува збор за месото, туку за јазикот.
Во 17 век, Хамбургер бил термин кој се однесувал на кое и да е лице од Хамбург, Германија. Градот со долга историја на производство на одлично говедско, ја одржал репутацијата со своето сецкано и зачинето месо обликувано како плескавица. Поради тоа што одредницата „хамбуршко“ било знак за квалитет (како беровски компир, тетовски грав), така и трговците низ Европа и САД во 19 век почнале да продаваат „хамбуршки стекови“.
Не е јасно кому му текнало прв да стави таков стек во леб и да го создаде модерниот хамбургер. Веројатно не станува збор за само еден изумител, бидејќи месото било служено со леб па некако е логично дека тоа би можело да заврши во сендвич. Така настанал хамбургерот - скратено од хамбуршки стек.
Да останело вака, врската помеѓу градот Хамбург и хамбургерот веројатно ќе се одржела. Но до 1930-тите Американците почнале да ги нарекуваат овие сендвичи со уште поскратеното „бургери“. Хамбургер така станало погрешно име за тип храна кој не содржел шунка, туку сосема поинакво месо. Освен тоа, и самото „бургер“ почнало да се дополнува како коренски збор - со „чиз“ или со „веге“.
Така, наместо Хамбург+ер, делбата се променила во хам+бургер.
Лингвистите имаат име за овој вид делење на морфемите - ресегментација или rebracketing. За ова има повеќе примери, кои се применливи и во македонскиот. На пример „хеликоптер“ е формиран од грчкото „хеликс“ (спирала) и „птерон“ (крило). Така, хеликоптер технички би требало да се дели на хелико- и -птер. Но наместо тоа сегментирањето почнало да биде на хели- и -коптер („коптер“ на англиски е кратенка или прекар на хеликоптер), а тоа да станува и коренски збор, односно основа за други видови направи, како жирокоптер (помало летало од хеликоптер).
„Алкохолик“ е уште еден одличен пример. Тоа е фузија на алкохол и -ик, но ние сме почнале да го делиме на алко и -холик, при што -холик е наставка за други, главно неофицијални зависности, како воркохолик или чокохолик.