Divergent (буквално: оние кои скршнуваат, различните) за оние кои ги гледале и бендисале двата дела на „Игри на гладта" ќе биде веќе виден, и во содржинска и во иконографска смисла. Локацијата е пост-апокалиптично Чикаго во кое општеството се има поделено на пет навидум рамноправни фракции (значи не класи или касти во класичната смисла на зборот, иако доволно блиску). Според ваквата поделба на 16 години човек треба да се одлучи, еднаш засекогаш и неповратно, дали ќе биде Несебичен, Мирољубив, Чесен, Храбар или Интелигентен (или во најлош случај станува Безфракциски, односно бездомник). Системот нуди проценка на склоностите, и совет за тоа каде најдобро би се вклопиле. Проблемот настанува кога некој, како главниот лик во приказната, Трис, излегува дека не припаѓа никаде, односно дека припаѓа во сите групи подеднакво. Тоа се смета за закана по стабилноста на воспоставениот поредок, и таквите луѓе - наречени Divergents или поинакви - едноставно се убиваат, заради нивната неконформистичка природа.
Бидејќи и тука ќе се работи во најмала рака за трилогија, овој прв филм само го мапира идеолошкиот терен и ви ги претставува главните ликови, кои се иницираат во светот на возрасните со тоа што мораат да донесат тешки одлуки кои ќе ги обележат до крајот на животот - кои се, кој е колективот на кој припаѓаат, дали семејството (крвта) е посилна од пошироката групна припадност, како се излегува на крај со сопствените стравови, кои вештини се приоритетни за преживување, кому да му се верува. Ова се секако преголеми дилеми за плеќите на додуша атлетски градените (главно бели) тинејџери, но генерално советот е: гради капацитети, мисли креативно, биди солидарен и никогаш не се предавај. Не се лоши совети, барем за на филм.
Она што многумина го поздравуваат, и покрај тоа што не се воодушевени од филмот (наводно книгите биле подобри), е фактот што со ова се продолжува трендот на форсирање јаки женски ликови, на способни, интелигентни и правични девојки, кои можат да послужат како модели, не само за девојките во реалноста, туку и за момчињата кои на овој се навикнуваат на идејата дека ваквите суштества се кул, дури и кога не се машки. Шајлин Вудли, со истите огромни бадем-очи со премногу маскара како и во Fault in Our Stars, каде играше девојка болна од рак (дечкото од тој филм, помалку збунувачки, во овој ѝ е брат), не е ни оддалеку толку харизматична како Џенифер Лоренс, но кога некаде при почетокот преминува од вреќест фустан во тесни хеланки и кожњак почнуваме да веруваме дека ќе ја биде. Кога во следните сцени ја гледаме како ракува со ножеви, веќе сме и сигурни во тоа.
Дали е контрадикторно тоа што нејзиниот „дечко" во филмот, кој неодоливо потсетува на подмладена верзија на Џејмс Франко ама не е, често ѝ помага да се извлече од непријатните ситуации? Ако тоа се нивелира со фактот дека на крајот онаа која ѝ го спасува животот е мајка ѝ, речиси исто толку добра со оружје колку и ќерката, тогаш балансот е постигнат. Плус, жена без љубов е како риба без точак. Или како и веќе да гласеше изреката...
Но анализирајќи го ликот на Трис многумина забораваат на еден друг, поконтроверзен женски лик во целата приказна - оној на Џенин, кој го игра Кејт Винслет. Главна на фракцијата „Ерудити", таа излегува најголемиот непријател на Трис и на нејзината фракција од раѓање, Несебичните. Убава, но студена и сурова, таа нема милост за девојката со која очигледно по малку и се идентификува, но која ја доживува како реална опасност и не пропушта можност да ја хејта („ти си бедна мешавина на импулси и валканици“ = „ти си ороспија“). Повозрасна жена на работ на климакс против тинејџерка? Дали е ова главната порака на филмот откако ни испораскажа триста приказни за класните поделби, универзалните етички вредности, границите на социјалните експерименти? Џенин, ако добро забележавме, на крајот сепак не умира туку е само „чипувана" и на тој начин е спречен нејзиниот обид за масовно стрелање на жителите на Несебичност. Значи, кај и да е, може да се појави и во следните епизоди, уште постара и уште погневна. Кој ќе преживее, ќе раскажува.
Лично најмногу ме изнервира нешто друго - и самата не знам зошто, но заради сите асоцијации со „Игри на гладта" постојано бев во позитивна тензија дека некој од некаде ќе извади лак и стрела. Добро, знам дека тоа ќе беше капак на сите сличности со Hunger Games, и дека заради тоа лакот е мудро заменет со ножеви. Иако не сакам да знам колку тинејџери кои го гледале филмот ќе се обидат да ги повторат истите тие опасни фрлања дома.
* Ако сте го гледале филмот, приклучете се во коментари.