Расказ за автобусот

Влегуваме во градски автобус. Се слуша бипкање на билетите. Некој се шмугнува без карта. Баба со стапче се гега, позади неа палави средношколци со ранци прават фаци, демек „аман више“. Откако раздвиженоста спласнува и секој си го зазема место, атмосферата одеднаш се стишува. Сите гледаат отсутно во некоја точка, хипнотизирани. Само звук на моторот.

ГЛАС:

„Вторник на пладне. Бесплатно за пензионери. Гужва, се вози само оној кој мора.“

Сите во автобусот гледаат пред себе. И да сакаат, не можат да погледнат надвор. Тој е облепен со непроѕирни реклами кои ги покриваат прозорците. Нашиот лик е дезориентиран, ѕирка низ вратата кога се отвара на станица. Се распрашува кај оние кои стојат понапред, близу до шоферот.

„Кај сме?“ - вика од задниот дел, обесен на држач. Некој ја спушта главата за да ѕирне низ шофершајбната - „Треба да сме кај пазарот“. Друг луто удира по дисплејот во автобусот што би требало да ја покажува следната станица. Апаратот како да полудел, на кајронот со вртоглава брзина се редат чудни знаци.

ГЛАСОТ:

„Те возат, не знаеш каде. Како со заврзани очи.“

Звук на моторот, едноличен. Нашиот човек гледа само силуети низ прозорците кои почнуваат надреално да се издолжуваат. Како сенки кои се наѕираат од Платоновата пештера. Сеништа. Еднаш ги затвора очите, па ги отвора. Вториот пат веќе заспива. Темница.

Нагло кочење, луѓе се држат едни за други, паднати по земја, истурени чанти. „Мајсторе беее!“

Тишина. Автобусот е вкопан во место. Вратите се затворени. Во прв момент сите се збунети, не мрдаат. Чукаат кај шоферот, вратата од кабината не се отвара, а од шофершајбната се гледа само бел ѕид и магла. Некој го зема средството за кршење што стои над излезната врата за во случај на опасност, и почнува да мава по стаклото. Тоа се одбива, како да удира по карпа. Луѓе се обидуваат да вртат на мобилен, нема сигнал. 

Некому му текнува – го зема истиот алат и почнува да гребе по стаклото. Го следат и останатите, кој со што има, пинцети за веѓи, клучеви. 

Во еден момент сите застануваат во чудо. 

На изгребаните места се појавуваат огледала. На дисплејот кој до тогаш покажуваше чудни знаци почнува да се врти натпис на македонски, албански и англиски. Ја гледаме групата одразена во огледалата, збунета и немоќна.

ГЛАСОТ, чита на дисплејот:

„Стигнавме до крајот. 
До ПОСЛЕДНАТА СТАНИЦА.“ 

Илина, Букбокс
скица за сценарио на краток филм (2020)

20 октомври 2022 - 18:25