Хроника на секојдневниот живот

Работите што (не) ги гледам

Џејсон Полан е соработник на Opinionator, рубрика за коментари и мислења на Њујорк Тајмс. Неговата задача - цртање на предмети кои ги видел во текот на неделата.

Things I Saw (Работите кои ги видов) е некој вид неформална историја на секојдневните предмети и на секојдневниот живот. Наместо да користи фото-апарат, Полан со многу едноставни цртежи го регистрира она што му го фаќа погледот - од загубена педала за точак, детенце облечено како панда во градскиот сообраќај, четврт кифла нападната од 14 гулаби во паркот, тепалка за муви која истовремено може да служи и како лењир...

Колку и да изгледа банално, овој попис е пресек на предмети кои некој, некогаш ги користел, ги сакал, ги купил, ги продава, ги загубил или едноставно му влегуваат во кадар. Добро, има и по некој човек, особено такви кои ретко ги забележуваме, како чуварот кој седи до Герника на Пикасо во музеј во Мадрид, или човек кој меси тесто на штанд на некаков фестивал, претставен од зад грб.

Ако секој од 43-те панели ги читате како некаква заокружена приказна, навистина звучат интересно. Штета што не ме бива за цртање, инаку би пробала. Еве: лижавче во форма на срце на мојата работна маса, две кучиња што лежат на тревата до Ветеринарната болница, искинато парче весник со временска прогноза дека ќе врне, намокрено од дождот. Пробајте и испратете ни го вашиот попис на (не)обични предмети и луѓе на вашиот пат.

Повеќе цртежи од истиот циклус тука.

22 ноември 2012 - 12:06