Психологијата на згрозувањето

„Бљак“ можеби звучи како непосакуван извик, но границата помеѓу револтираноста од нешто и привлечноста кон истото понекогаш е замаглена.

Доминантната идеја во врска со згрозувањето е дека тоа е еволутивна адаптација кон биолошки штетни супстанци, какo скапана храна или телесен отпад. Но кога чувството ќе навлезе во општествената арена, тогаш се згрозуваме не физички, ами морално - од абнормални или одбивни однесувања. И иако на прв поглед делува дека oва нема никаква врска со биолошката основа, психолози како Нина Стромингер од Универзитетот во Пенсилванија, велат дека станува збор за варијација на еден ист механизам.

Дарвин во 1872 го дефинирал згрозувањето како реакција на нешто што е навредливо за вкусот. Но Стромингер претпочита да ѝ пристапува на темата не како на директно продолжување на аверзијата на имунитетниот систем на штетни материи, туку како на „психолошка измаглица која нема дефинитивни граници, на која ѝ недостасува јасна внатрешна структура и центар на гравитација“.

Згрозувањето е амбивалентно чувство - истовремен знак дека нешто нè одбива и нè привлекува. Пошироката слика на амбивалентност потекнува од тоа што мораме да ја балансираме поребата за храна наспроти ризикот од тоа да се затруеме. На истиот начин, чувствуваме потреба да се социјализираме наспроти опасноста од комуникациска „болест“. Накратко, згрозувањето е резултат на тензијата помеѓу нашата желба за истражување и конзумирање нови нешта и ризикот од истото.

Уште една работа прави тоа да е мешавина на биологија и култура - фактот што малите деца во своите најранливи години би требало повеќе да манифестираат згрозување, додека нивниот имунитетен систем се уште е во развој. Но бебињата и малите деца функционираат точно обратно, тие се подготвени да стават сè во уста, а почнуваат да покажуваат знаци на згрозеност дури на возраст од 5-7 години. Ова може да се објасни и со тоа дека детските имунитети имаат корист од изложеност на различни супстанци. Сепак, повеќето корисни бактерии и други засилувачи на имунитетот доаѓаат не од купишта измет и други валканици, туку од невидливи патогени кои се пренесуваат преку воздух. „Задоцнетата“ појава на згрозувањето можеби се должи и на тн. „дилема на сештојадецот“, фактот дека мораме да балансираме помеѓу способноста да јадеме различна храна, со потенцијалните ризици од неа.

Сепак, изгледа дека згрозувањето во голема мерка е културна категорија дури и кога има врска со храна. Додека некои западњаци се згрозени од ларви на чинија, источњаците се подеднакво згрозени од правење урда. Племето Хазда од Танзанија конзумира скапано лавовско месо. Шаманите од Сибир додека конзумираат печурки пијат мочка од сад кој кружи. А племето Мундари од јужен Судан не само што се тушира со кравја урина, туку и користи пепел од запалени лепешки за да го мачка телото против инфекции.

И не само на ниво на етнографска варијација, дури и во животот на поединецот може да се јават разлики, па нешто што во младоста не нè вознемирувало (мириси, глетки), можат тоа да го прават во подоцнежна возраст. Истото важи и со социјалниот аспект на згрозувањето - како што созреваме, така почнуваме да одбегнуваме луѓе и ситуации кои се закана за нашето психолошко здравје, или закана за нашите обичаи и морал.

Но со оглед на големата културна варијација на моралното згрозување, според истражувачите на овој феномен, тој не смее да биде основа за донесување одлуки или креирање политики. Освен тоа, она што згрозува на некој бизарен начин знае и да привлекува - гротеската ги фасцинирала сликарите од ренесансата до Гоја, митовите се полни со згрозувачки слики на черечења, инцест и човекојадство. Можеби згрозувањето е катарзично чувство кога не постои реална опасност од контаминација. На пример кога некој на јутјуб ужива во чинија ларви, а ти не можеш да го тргнеш погледот.

извор

19 февруари 2020 - 08:09