Во областа на психологијата нови истражувања трупаат емпириски податоци кои треба да одговорат на прашањето - кои фактори влијаат врз кажувањето лаги? Дали интимната поврзаност помеѓу оној кој ја кажува лагата и оној кој ја слуша ја зголемува или ја намалува шансата за таа да се појави? Дали лагите се почести ако се искажани преку медиумот на чет-от или мејловите, во споредба со телефон или в лице?
Кристијан Милер е професор по филозофија на универзитетот Вејк Форест во САД и автор на книгата „Искреност: филозофијата и психологијата на една запоставена доблест“. Тој се интересира дали повеќето луѓе имаат тенденција да бидат искрени или не. Притоа се надоврзува на претходни класични студии за зачестеноста на лажењето од средината на 1990-тите, спроведени од психологот Бела ДеПауло. Таа се фокусирала на интеракциите лице в лице, и користела група студенти и друга група волонтери од заедницата во близина на Универзитетот Вирџинија. Членовите на заедницата кажувале во просек една лага дневно, додека студентите две, што со други зборови значи дека сите лажеле. Овој резултат до скоро бил неоспорен во областа на истражувањето на искреноста и ја поддржувал претпоставката дека лажењето е нешто вообичаено.
Но според Милер, просекот не ги опишува поединците. Можеби некој во групата навистина лажел само еднаш или два пати дневно, но исто така е можно поединци да „сушеле“ од лажење, а други да биле сосема чесни. Истовремено, него го интересира дали и како околностите на кажаното влијаат врз лажењето.
Неодамнешна студија од Универзитетот во Орегон која вклучила 205 учесници, покажала дека најчесто е лажењето преку телефон и видео чет, а дека тоа најмалку се прави во мејл. Тоа дали за лагата постои пишувана или снимена трага изгледа дека игра голема улога во нејзиното кажување - знаењето дека постои запис од комуникацијата го прави лажењето понеатрактивно.
Улога игра и синхроницитетот. Голем број лаги се кажуваат во жижата на моментот, значи при комуникација која подразбира симултано присуство (физичко или онлајн), додека размената преку мејл дава малку време нештата да слегнат и човек да најде алтернативен начин нешто да соопшти (или не) пред да излаже.
Што се однесува до тоа кого луѓето обично лажат, првичната интуиција е дека тоа би биле непознати или не толку блиски. И навистина, тие се почеста мета на „секојдневни“ или банални лаги. Но кога станува збор за лажење за сериозни нешта, како финансиски манипулации, неверства и сл., тогаш 53% од нив се упатени кон блиски партнери, пропорција која изнесува дури 72.7% кај студентите-волонтери. Веројатно не изненадува дека во овие ситуации луѓето повеќе сакаат да ја спасат својата врска со блиските отколку да ја кажат вистината.
Сепак, и покрај наведените студии, засега психологијата на лажењето е во зародиш, а недостасуваат такви кои земаат предвид и споредуваат различни култури и различни варијабили како возраст, пол, религија и политичка припадност.