На 16 мај 1916, во 8:30 навечер, Џон Џ. Карти удрил со чеканчето, за да го означи почетокот на состанок на членовите на Американското здружение на електроинженери на САД.
Ова сепак не била обична средба. Здружението одлучило да одржи национален состанок во живо на кој ќе можат да присуствуваат 5000 членови од 8 градови низ четири временски зони. Повеќе од еден век пред ЗУМ да ги направи виртуелните состаноци нешто вообичаено, телефонски линии ги поврзале аудиториумите од еден брег до друг на САД. Членови и гости имало од Атланта, Бостон, Чикаго, Денвер, Солт Лејк Сити, Сан Франциско. Сите тие имале телефонски приемници на седиштата за да можат да го следат состанокот.
Ова секако било направено намерно, не толку за да се заштедат пат и пари, колку да се обележат неодамнешните постигнувања во областа на комуникациите, транспортот и електричната енергија. Средбата била триумф на инженерството, а настанот бил покриен во весници во голем број од градовите-домаќини. Станувало збор, како што пишувале тие, за територија што опфаќала 6500 километри низ 20 држави, при што за пренос на сигналот биле потребни повеќе од 150.000 бандери и 5.000 прекинувачи. Првиот трансконтинентален телефонски повик бил постигнат само една година претходно.
Карти, претседателот на организацијата, ја водел средбата од Њујорк. Поради ограничените седишта во Њујорк и Филаделфија, на членовите им бил овозможен влез само за нив, а дами не биле експлицитно поканети, ниту добредојдени. Во некои од другите градови можело да се носат и придружници, па и жени. Здружението на инженери на САД ја примило првата жена во своите редови дури во 1922, и тоа како придружен член (се викала Едит Кларк).
Шест града официјално учествувале на повикот. Но бидејќи телефонските линии минувале директно низ Денвер и Солт Лејк Сити, секциите од овие градови можеле да слушаат, иако биле „на мјут“. Во текот на состанокот тие испраќале телеграми до седиштето потврдувајќи го своето присуство и пренесувајќи ги своите поздрави и честитки (како преку чет на Зум).
Состанокот бил отворен со читање на телеграма од тогашниот претседател на САД, Вудроу Вилсон, кој им честитал на членовите на овој посебен настан. Потоа неколку зборови кажал Александар Греам Бел, потенцирајќи го своето задоволство од тоа колку напреднала телефонијата од неговата почетна идеја. Следеле уште неколку говорници, а на крај Томас Вотсон, кој бил првиот човек кој ги слушнал зборовите на Бел по телефон, ги поздравил сите учесници низ земјата.
Во 9:00 телефонскиот дел од состанокот бил прекинат на 30 минути, за во секој град да се одржи предавање од поканет говорник. Некои од нив имале и критики кон развојот на технологијата. Така, Лоренс Лоуен, тогашен претседател на Универзитетот Харвард, изјавил дека откривањето на електричната струја е секако најголемиот напредок во човечката историја. Сепак, тој ги укорил инженерите дека не ја предвиделе субординацијата на поединецот на индустрискиот систем.
По ова, градовите повторно телефонски се поврзале со различни говори, за потоа да следи уште една пауза, овој пат - музичка! Секој град си пуштил песна по свој избор на фонограф, а сите биле пренесувани преку телефон. Се слушнале „Јенки Дудл“, „Дикси“, па дури и денешната американска химна, која иако тогаш не била официјална предизвикала масовно станување на публиката на нозе.
По музиката, свое обраќање имал Михајло Пупин, на тема „За инженерската професија“, која во тоа време секако била релативно нова. Во 1925 тој ќе биде избран за претседател на Здружението.
Состанокот завршил со резолуции и прифаќање на различни документи. Генерално, учесниците си се тапкале по грбот, горди дека биле домаќини на првиот состанок од ваков вид. Не како денес, кога и покрај практичноста, сепак ни е тешко дури и да го кликнеме копчето „атенд митинг“.