Првиот семафор на светот работел на плин

На 9 декември 1868 во Лондон прв пат е поставено нешто налик на денешниот семафор. Отпрвин, реакциите на него биле помешани. Но потоа еден несреќен случај одеднаш го збришал целиот проект. 

Уште пред да бидат измислени автомобилите, сообраќајот во Вестминстер, еден од најдинамичните реони во Лондон, повеќе личел на навалица на пешаци и коњски запреги. Редот го воведувал полицаец со рачна сигнализација.

Но на 9 декември 1868 лондонскиот Тајмс гордо соопштил дека на раскрсницата пред Парламентот е инсталирана „брилијантна иновација“ која ќе помогне во регулацијата на уличниот сообраќај во метрополата, градски проблем за кој весникот често пишувал. Денес таа иновација се води како прв семафор во светот.

Дизајниран од Џон Пик Најт, управник на железница од Нотингем, сообраќајниот сигнал бил базиран на системот на светилки, вообичаен на железничките раскрсници. Обоени „рачиња“ подигнати на околу 6 метри од земјата се менувале под два агли. Целосно хоризонталниот значел дека сообраќајот требало да сопре. Кога знаците биле под агол од 30 степени, сообраќајот можел да продолжи. Ноќе, кога знаците не биле видливи, „стоп“ и „тргни“ означувале црвени и зелени гасни светилки. 

Полицаецот се уште бил во игра, затоа што некој морал да оперира со сигналните ознаки и со светилките. Генерално, сепак станувало збор за екстремно едноставен, па дури и естетски убав уред. Сепак, не сите лондончани биле воодушевени. Некои сметале дека тоа е „монструозно нешто“ кое личи на живеалиште на гулаби. 

И покрај тоа што бил очигледно корисен и вовел некаков ред во сообраќајот, животниот век на првиот семафор траел кратко. Помалку од еден месец откако бил инсталиран, гасна линија поврзана со црвените и зелените светилки експлодирала, лошо повредувајќи го сообраќајецот. Целата околина била како потопена во плин и многу смрдела. Британската влада го поништила проектот и се вратила на стариот систем, со рачна сигнализација на сообраќаец. Наскоро во САД ќе се развие систем на електрични семафори, кои од таму ќе се рашират низ целиот свет. 

11 декември 2024 - 17:03