Вудхол, активистка за женски и работнички права била прва жена во неколку области. Заедно со сестра ѝ, Тенеси Клафин, таа била прва претставничка на „понежниот пол“ во брокерска фирма на Вол Стрит, меѓу првите жени кои основала весник и - прва која се кандидирала за претседател на САД во 1872. Иако некои историчари ја доведуваат под прашање легалноста на кандидатурата, бидејќи еден од условите бил наполнети 35 години (а Викторија имала 34), ова во статиите од тој период воопшто не се спомнува.
Но ова бил само „капак“ на нејзиниот дотогашен живот, кој освен спомнатите проекти вклучувал и некои многу понеобични - нејзиното прво богаство го стекнала патувајќи низ Америка како многу успешен исцелител со магнети, пред да му се придружи на некакво спиритуалистичко движење. Нејзините духовни убедувања, меѓу кои она за слободна љубов, што претпоставувало право на жената да се мажи, да се разведе и да има деца без мешање од страна на власта, биле јадрото и на нејзината политичка платформа. Ја кандидирала Партијата за еднакви права, а за нејзин можен потпреседател бил номиниран поранешниот роб и лидер на аболиционистите Фредерик Даглас (иако тој никогаш не ја прифатил номинацијата). Идејата била да се поврзат суфражистките со Афро-американските активисти, и на тој начин да се формира посилен фронт за човекови права.
Но еден чекор на Вудхал се покажал како кобен за нејзината кандидатура, која додуша имала повеќе симболичко значење отколку што навистина можела да биде успешна во тој историски контекст. Во едно од изданијата на спомнатиот весник кого го издавала, таа напишала текст за наводна вонбрачна врска помеѓу извесна Елизабет Тилтон и Хенри Вард Бичер, познат протестантски свештеник од Њујорк, кој бил сметан за „столб на заедницата“. Целта ѝ била да ги нагласи двојните стандарди во проценката на „моралната подобност“ на мажите и жените, но можно е ова да било и обид за уцена, бидејќи фондовите на сестрите веќе се намалувале.
Само неколку дена пред изборите, федералната полиција ја упасила Вудхол, нејзиниот втор сопруг и сестрата, со обвинување за опсценост. Во затвор биле држени само еден месец и пуштени со кауција, но тоа било доволно за кандидатурата да падне во вода . Вудхол се обидела да се кандидира и на следните избори (во 1884 и 1892), но безуспешно. Се развела од мажот ѝ, и заминала да живее во Англија, каде држела предавања, а подоцна се омажила за банкар.
Нејзините ставови, иако прото-феминистички, за денешни стандарди содржеле контроверзни елементи. Таа, на пример, била против абортусот, нарекувајќи го убиство. Сепак сметала дека државата не треба да биде таа која ќе го забранува, туку тоа треба да биде работа на проценка на секоја жена. Таа исто така промовирала еугеника, популарно движење во раниот 20-ти век, што се толкува како можна последица на интелектуалната заостанатост на нејзиниот син. Иако нема докази за истото, се тврди дека таа се залагала и за присилна стерилизација на оние кои „не се соодветни за расплод“. Ова се само некои од контрадикторностите поврзани со ликот и делото на Вудхал: се спротивставувала на организираната религија па сепак често го цитирала Светото писмо, работела на берза а му се восхитувала на Маркс (прва во САД објавила англиски превод на Комунистичкиот манифест), се залагала за женски права а самите суфражистки во еден момент ја отсакале.
Една од нив била Хариет Бичер Стоув, авторката на антологиската „Колибата на чичо Том“. Во нејзиниот роман „Мојата жена и јас“ се појавува лик по има Аудација Данџерајс (Вудхал имала урокливи сини очи), кој е опишан на следниов начин:
„Ниту една жена која не сака да биде влечена како партал низ валкана вода не би се нафатила да се кандидира...каква кучка треба да биде таа која може тоа да го издржи? Дали таков карактер ни треба за претседател на државата?“
Ноќта пред изборите од затворот Вудхал му напишала пророчко писмо на уредникот на Њујорк Хералд во кое вели:
„Јавноста можеби успеа да ме скрши, можеби ќе успее и да ме убие, но ве предупредувам дека од пепелта на моето тело ќе се родат илјадници Виктории и ќе продолжат кон победа“.