Иако историјата ја има заборавено, во текот на својот животен век Викторија Клафлин Вудхал била една од најозлогласените жени во САД и „прва“ во многу нешта во бизнисот и политиката.
Родена во 1838, таа била од бедно семејство, со неписмена мајка и насилен татко-измамник. Нејзиното формално образование се состоело само од три испрекинати години основно.
На само 15 години, Викторија се омажила за 28-годишниот Канинг Вудхол, кој не бил богаташ но сепак бил доволно имашлив за да ја извади од бедата. Но тој бил алкохоличар и ги тепал и неа и децата, поради што Викторија побарала развод и покрај стигмата што тоа го подразбирало на времето.
Се премажила за поручникот Џејмс Блад, кој го поддржувал нејзиниот спиритуализам, политички радикализам и заложби за слободна љубов. Ова последново не треба да се сфати во смисла на хипи-движењето и промискуитетот, туку повеќе во смисла на женски права - на пример она жената да може да се разведе и премажи без социјални реперкусии. Според неа, бракот требало да биде приватна работа, систем неподложен на државна регулатива, а стандардите за мажите и жените во врска со неверството да бидат еднакви. Дека не само што ги проповедала, туку и ги живеела своите ставови покажува тоа дека таа и нејзиниот втор сопруг се земале и се развеле два пати.
Во 1872 Вудхол помогнала да се воспостави Партијата за еднакви права и била официјално номинирана во трката за претседател. Нејзин „ранинг мејт“, односно потенцијален потпретседател доколку победела, требало да бил никој друг туку славниот аболиционист Фредерик Даглас, иако тој никогаш официјално не ја потврдил номинацијата.
Сето ова било овозможено од финансиската поддршка на милионерот Корнелиус Вандербилт, кој бил воодушевен од Вудхил и нејзината сестра (со која наводно имал и афера), а кои биле негови лични „видовити“. Со парите што им ги давал тие успеале да вложат во акции, кои им донеле 700.000 тогашни долари. Со голем деловен осет, тие парите ги вложиле во отворање на фирма на Вол Стрит, со што станале први жени кои го сториле тоа во историјата на САД, носеле ептен кратки здолништа и постојано ги провоцирале весниците со своето однесување. Тие пак ги нарекле „кралиците на финансиите“ и „брокерки-вештерки“.
Во политичка смисла, Вудхил имала радикално либерална платформа, која вклучувала не само женски права туку и регулација на монополите, национализација на железницата, осумчасовен работен ден, директно оданочување, укинување на смртната казна и социјална помош за сиромашните. Но јавноста не ѝ дала шанса. Нејзиниот личен живот бил постојана мета на таблоидите, а тие толку многу се занимавале со споредните и приватни нешта што не забележале дека на возраст од само 34 години таа законски не ни можела да се кандидира за претседател.
Откако ги загубила изборите таа го затворила својот весник, по втор пат се развела од Блад и се преселила во Англија. Таму, првата жена која некогаш се кандидирала за претседател на САД поминала уште многу спокојни години, а надживеала и уште еден сопруг.