Прстот на Мортон го има добиено своето име по д-р Дадли Мортон, кој ја поминал целата своја кариера тврдејќи дека повеќето проблеми со стапалата не произлегуваат од рамни табани туку од прстите на ногата. Според него, враснатите нокти, жуљевите и другите проблеми на самите прсти можат да влијаат не само врз здравјето на нозете, туку и на она генералното.
Во 1939 тој напишал книга под наслов „О, докторе, моите стапала!“, во која на едноставен начин ги опишал маките на луѓето кои по Големата депресија се вратиле на своите службенички места и со часови седеле во ортопедски несоодветни чевли или во тесни штикли. Во неа често го спомнувал вториот прст па оттаму тој станал познат како „Мортонов“.
Но пред да се случи ова, истиот прст бил познат како „грчки“, поради неговата доминација во старогрчката култура и уметност, особено во скулптурата. Oва се должи на следењето на тн. „Златна пропорција“ (или Златен пресек), која Грците ја барале насекаде, па дури и кога станувало збор за прстите на нозете. По нив трендот продолжил, па вториот подолг прст се јавува и во римската уметност, европската ренесанса, па дури и кај американската Статуа на слободата.
Дадли Мортон, како ортопедски хирург, не водел сметка за „уметничкиот дојам“ и некакви пропорции, туку верувал дека овој прст е наследство (aтавизам) од нашите пред-човечки предци, кои со негова помош можеле полесно да висат по гранки. Ако го забележите кај себе тогаш сте дел од помалку од 25% од популацијата, и можете да се сметате за посебни и посебно убави. Иако чисто ортопедски, должината на прстот може да ви прави проблем.