Против август

„Сè што си мислел да кажеш или да направиш сега постои во минато време: без оглед дали било кажано или не, дали било комплетирано или никогаш не ни почнало. Месецот функционира, признавам, како одличен изговор. Се тешам себеси и другите во врска со моите грешки и неуспеси, со ветувања за она што ќе се случи во септември“.

пишува: Хајли Млотек (The Paris Review)

Има нешто непријатно во врска со август. Овој дел од летната сезона носи атмосфера на нелагодност. Долготрајната светлина престанува да биде лежерна и почнува да изгледа само како начин да се одложи ноќта. Не постои позиција на Земјата во однос на сонцето која делува како утеха. Во август почнува несоницата; креветските чаршафи стануваат тешки поради влажноста. Ниту една добра навика не е можна во август, а уште помалку се можни добри одлуки. Мислам само на мојата облека и на тоа како да стигнам од едно место до друго, постојано обидувајќи се да одберам помеѓу моето потење и мојата суета. Луѓето не личат на себе. Одам кај девојките што се журкаат и ги наоѓам замислени. Се среќавам со меланхолици и сфаќам дека сакаат да останат на нога цела ноќ.

Во август не можам да мислам, па така не можам ни да работам. Но ова не е неработење во смисла на одмор и декаденција. Ова неработење е своевидна клетва. А не можам дури и да не работам на мира: ако заминам во јули сметам дека патувам, но ако заминам во август, тогаш само сум заминала. Најдоброто на кое може да се надевам во отсуство на одредена цел, како бизнис или задоволство, е бегство. Можеби кратка екскурзија. Во секој случај, ретко сум на место кое разумно можам да го наречам дом во август, а наместо тоа престојувам во туѓи подруми, во нивните дневни соби, на нивните троседи. Спијам на она што некогаш бил кревет на спрат за нечиј помал брат и ја мијам косата со тушот на неговите родители. Се симнувам по скали и ги гледам отисоците од прсти на нивните деца на гелендерот. Спијам во хотелски соби, сама, и си мислам: каква штета. 

Јас сум против август. Кога се обидувам да ја објаснам оваа позиција, некои луѓе инстинктивно сакаат да се расправаат. Тие луѓе изгледа ја сакаат плажата вон секој разум, како никогаш да не страдале од жолтеникава дамка на омилената бела маица во животот, и преагилно ги поздравуваат сите 31 ден од август како да се тие награда за добро проживеана година, а не финалнa перипетија пред почеток на друга. Тоа се луѓе кои одат на одмор спокојни. Ним им велам: Одбиј! На луѓето кои се согласуваат со мене им велам: Продожи. 

Голем број пријатели кои ја споделуваат мојата мрзоволност го споредуваат искуството на овој месец со неделното чувство, кога знаеш дека по пауза мора да следи одредена обврска или рутина. Не се согласувам целосно, но ја препознавам споредбата. Во август летото завршува, па без оглед дали си раскрстил со него или не, мора да прифатиш дека е завршено. Сè што си мислел да кажеш или да направиш сега постои во минато време: без оглед дали било кажано или не, дали било комплетирано или никогаш не ни почнало. Месецот функционира, признавам, како одличен изговор. Се тешам себеси и другите во врска со грешки и неуспеси со ветувања за она што ќе се случи во септември. Какво и да е достигнување, без оглед колку мало, ме вчудоневидува: Во август?!, си мислам.

Целиот есеј тука

25 август 2022 - 15:58