Промоција на „Тревога“ - нова поетска збирка на Иван Додовски

Во четврток, 1.10.2020 од 19 часот во Кинотека ќе се одржат два уметнички настана - изложба „Куферот на Макс Фриш“ на Владимир Симоновски и промоција на поетската книга „Тревога“ на Иван Додовски. Реч за обата ќе одржи отец Стефан Санџакоски, со бројни специјални гости, од Њујорк до Софија, од Берлин до Тел Авив.

Книгата „Тревога“ е четврта поетска книга на Иван Додовски. Таа содржи педесетина песни, а е збогатена со фотографии на Таиса Санџакоска. Една од песните е и следнава, инспирирана од родното место на авторовите предци:

ВРАЌАЊЕ ВО ПРЕДЕЛОТ

с. Ѓавато

Во овој предел толку лесно
демне сенката на сите птици
и удира како мисла така бесно
во свеста, со голи крици.

Се враќам пак како кон свои
места и мислам дека споменот може
да се рече со ведри топли бои,
но гризе, гризе таму јанѕата. (Мој Боже!)

Се минало низ простори волчи
и се носел крстот на сите измами,
останал најсетне пределов што молчи
и во него зборот за сите осами.

Лажам око, режам нетамам скришем
по оваа убост што пред мене бега,
по секој трепет што времето го брише
во мојот помин, од моево сега.

Сепак, низ зрачен прстен ќе мине
минливото кон нов предел на надеж
и пред силата на вечното ќе зине
модриот глас на мојот страдеж.

***

Иван Додовски е поет, раскажувач, преведувач и научен истражувач. Тој е редовен професор по критичка теорија, литература и културологија на Универзитетот Американ Колеџ Скопје. Студирал општа и компаративна книжевност со американски студии, а магистрирал во областа на македонската книжевност и наратологијата. Докторирал на Универзитетот во Нотингем, Велика Британија. Објавил четири книги поезија (Седенка со ликот, 1991; Луда луна, 1995; Света лудост, 1999; Тревога, 2020) и една збирка раскази (Големиот куфер, 2005; превод на германски јазик, 2008). Негови песни се објавени на англиски, хрватски, албански, бугарски и романски јазик. Застапен е во неколку антологии на современа македонска поезија и раскази.

30 септември 2020 - 12:22