Воените лица на германските универзитети не се вообичаена појава, а ова е особено така кога е во прашање Тибинген, сликовит универзитетски град од 15 век, кој благодарејќи на академската популација која клони кон лево е „тврдина“ на германската Зелена партија. Во 2018 во капусот се појавил отпор поради плановите на сместување на водечкиот европски хаб за вештачка интелигенција во оваа област, чии истражувања требало да бидат директно поврзани со изработката на идни оружја.
Па сепак, токму на овој универзитет е воспоставен проектот Касандра, во чии рамки во следните две години тукашните истражувачи ќе го употребат своето знаење за да му помогнат на германското министерство за одбрана, за тоа да направи проценки за можноста од идни конфликти.
Но овие истражувачи не се ниту специјалисти за вештачка интелигенција, ниту пак се политички аналитичари, туку - проучувачи на книжевноста. Раководител на малиот тим е Јирген Вертхејмер, професор по компаративна литература. Идејата-водилка на проектот е дека писателите на современа проза се модерни „Касандри“ - тие секогаш кажуваат вистини кои никогаш не се земаат за сериозно. Иако има тони интернет листи со книги кои ги предвиделе настаните пред тие да се случат, тие најчесто се толкуваат или како некаква теорија на заговор или како случајни визонерски предвидувања.
Во „Ослободениот свет“ од 1914, на пример, Х. Џ. Велс пишуваше за атомските бомби чии радиоактивни елементи ги контаминираат бојните полиња - три децении пред Хирошима и Нагасаки. Британскиот автор Џон Брунер во книга од 1968 ги замисли европските држави како формираат унија, Кина е во подем како светска сила, а во САД се инаугурира претседателот „Обоми“. Секако, тука е и врвот на визионерството, Орвеловата „1984“, во која еднопартиската држава користи „телемонитори“ за да ги идентификува луѓето согласно нивните изрази на лице и срцеви биења, повеќе од половина век пред Кина да користи софтвер за препознавање лица.
Големите писатели едноставно имаат интуиција и „сетилен талент“. Книжевноста има тенденција да канализира социјални трендови, расположенија и особено конфликти, кои политичарите често сакаат да ги турнат под тепих додека не избувнат на виделина. Но тогаш е веќе доцна.
Тимот можел да се одлучи за техниката на „рударење“ на текстови: скенирање на книги во потрага по емотивни зборови и фрази кои би можеле да се кластерираат околу специфични прашања, географски региони или политички фигури. Но притоа се ризикувало да се наиде на куп иронии, двосмислености и метафори, па одделувањето на она што претставува релевантна информација да се замати.
Оттаму, групата се фокусирала на нешто што го нарекува „книжевна инфраструктура“. Што е она што се случува околу текстот? Како е тој прифатен? Дали таа била забранета и дали авторот добивал некакви закани или трпел поради тоа? Дали била наградувана на други места и какви критики добивала за вон-книжевните својства (за третирањето на некоја сензитивна тема) и сл.
Првата група одбрани автори и дела од регионите од интерес - Нигерија, Косово, Алжир, Израел, Египет и др. - обезбедила помош за тој да продолжи со контакти и посочување на дела кои би можеле да содржат важни податоци. Некои од регионите кои биле одбрани најпрвин делувале „питомо“ и без голема потреба да бидат дел од проектот. Но во 2019, на пример, две години откако тимот го идентификувал Алжир како регион од интерес со потенцијал за конфликт, таму почнале граѓански протести, кои кулминирале со оставка на претседателот Бутефлика. Тогаш германското Министерство за одбрана одлучило да продолжи со поддршка на проектот поради тоа што со ова, но и со други укажувања, Касандра успеал да воспостави видлива врска помеѓу книжевноста и емпириските историски настани.
Сепак, во 2020 проектот е запрен. Некои сметаат дека причината е пандемијата, други посочуваат на промената на владините службеници и функционери кои не биле во тек со оригиналните и долгорочни цели. Така излегува дека митот се повторува - предупредувањата на Касандра повторно се заобиколени и игнорирани. Професорот Вертхајмер се уште се надева дека тој може да продолжи. „Книжевноста е центарот на мојот живот“, вели тој, „но само затоа што верувам во тоа дека таа може да биде отскочна штица за реалниот свет“.