Веќе неколку месеци постојано наидувам на статии за книга која на прв поглед делува како ефтина еротика. „50 нијанси на сиво" на Е. Л. Џејмс (псевдоним на Британката Ерика Леонард) е првата книга од трилогија, чие дејство главно се одвива во Сиетл, и се однесува на бурната врска помеѓу студентката Анастасија (која на почетокот на книгата е девица) и млад бизнис магнат кој ја воведува во светот на садо-мазо, врзувањето, доминацијата и другите форми на телесна меѓучовечка комуникација. Продадена во 31 милиони копии во 37 земји, таа наскоро ќе доживее и филмска адаптација (наводно во режија на Анџелина Џоли, и со Ема Вотсон во главната улога).
Сега доаѓа моментот со хотелот - неговиот сопственик, Џонатан Денби, го купил од методистичка група пред 10 години, и се прашувал што да прави со сите тие Библии кои биле поставени во собите од претходните газди. Се одлучил дека во едно модерно, секуларно општество е „сосема несоодветно" да им поттураш под нос на луѓето верски книги, па почнал да мисли на замена. „50 нијанси сиво" му се видела како добра идеја, поради нејзината популарност, а и поради тоа што можеби некои од гостите биле пресрамежливи за да си ја купат.
Најгласен во критиките за овој потег е локалниот викар, но и голем број христијани, особено од САД, каде Библиите во хотелските соби се повообичаени отколку во Англија. Сопственикот е сепак за разумен компромис - Библиите ќе си останат во хотелската библиотека, ако некој сака да ја позајми, ама во собите останува еротиката.