„Проблематичните“ металци од 80-тите израснаа во ок луѓе

Во 1980-тите години, додека поп и рок музиката доживуваа невидена експанзија, во сенката на гламурот и гитарските рифови се водеше една културна и политичка битка. Главниот фронт беа загрижените родители. Но нивните деца, оние со долги коси и „проблематично“ однесување, според една студија денес се посреќни од своите врсници.

Во 1985 година, група загрижени сопруги на политички моќници во Вашингтон – меѓу нив и Типер Гор, сопруга на идниот потпретседател Ал Гор – ја формираа организацијата Parents Music Resource Center (PMRC). Тие го подигнаа гласот против, како што тврдеа, моралната ерозија во поп и рок музиката. Нивната мисија беше да ги заштитат децата од песни кои според нив промовираат секс, насилство, дроги и алкохол.

PMRC побараа – и на крај добија – предупредувачки ознаки на албумите, познатите налепници "Parental Advisory", кои и денес стојат на многу корици. Но пред тоа, тие објавија нешто уште пожестоко: „Валканите петнаесет“, листа од 15 песни што, според нив, биле особено „проблематични“. Меѓу нив се најдоа поп-икони како Мадона, Принс и Синди Лопер, но вистинската мета беа хеви метал бендовите од 1980-тите, како Твистед систер, Деф Лепард, Блек Сабат и др. 

Во септември 1985 година, Сенатот на САД одржува сослушување за „опасностите“ од музиката. На столче пред сенаторите седнува Ди Снајдер, фронтменот на Твистед систер. Тој ги обвинува PMRC за извртување на текстовите и води жестока одбрана на метал музиката. На 19 септември истата година пред Сенатот зборува и Френк Запа (детално опишано во неговата автобиографија за којашто претходно пишувавме тука), нарекувајќи го предложеното означување на плочите со етикета „експлицитна содржина" нарушување на слободата на говор и уцена на уметниците. Излагањето подоцна е комбинирано со музика на албумот Frank Zappa Meets the Mothers of Prevention.

Во тоа време, Снајдер и останатите биле гледани со сомнеж, дури и презир. Но три децении подоцна, науката укажала на нешто поинакво. Во студија спроведена во 2014 од тим психолози од неколку американски универзитети (меѓу кои државните универзитети Хумболт и Охајо), научниците ја испитале животната состојба на 377 луѓе кои во 1980-тите биле фанови на хеви метал – музичари, фанови и цели групи. Во моментот на студијата тие биле средовечни, и според резултатите, подобро прилагодени и посреќни од нивните врсници!

Истражувачите дури наведуваат дека „учеството во субкултури, како хеви метал сцената, може да го зајакне идентитетот кај млади кои се чувствуваат изгубени или маргинализирани.“ Накратко – музиката што се сметала за опасна, всушност им овозможила структура, социјализација и утеха на многумина.

Денес, „Parental Advisory“ стикерите се повеќе естетска етикета отколку вистинско предупредување. Но приказната за PMRC и „валканите петнаесет“ останува како потсетник на времето кога културните војни беа насочени кон грамофонски плочи – и кога уметноста честопати се судруваше со политиката. Како што истакнува истражувачката Таша Хау (инаку и сама поранешна металка), „ние не израснавме во монструми, туку во луѓе кои го најдоа својот глас преку музиката.“

21 мај 2025 - 09:40