„Недовршено: видливи мисли" е нова книга на повеќе од 300 страници која се однесува на некомплетираните дела во сликарството и скулптурата. Истовремено, тоа е придружен каталог на изложба која е во тек во музејот Метрополитен во Њујорк, и која ќе трае до септември. Таа го истражува феноменот на недовршеноста во визуелните уметности во најширока можна смисла, вклучувајќи и такви дела кои се намерно недовршени - non finito - естетика која избегнува да го апсолвира делото, оставајќи го гледачот да го претпостави неговото довршување.
Од Тицијан, Рембрант, Тарнер, Сезан, до модерните уметници како Џексон Полок или Роберт Раушенберг, изложбата се состои од 197 дела од ренесансата до денес. Четириесет проценти од делата се од сопствената колекција на музејот.
Што го натерало Мондријан да ја батали „Композицијата со двојни линии" во 1934? А Сезан „Букетот божури" во 1898? Последните дела на уметниците, оние недовршените пак често се повеќе ценети од оние завршените, затоа што на нив се гледаат почетните цртежи како и процесот на работа. Така, кога умрел Климт, во атељето оставил куп портрети, на кои се гледа нешто необично - најпрвин им ги цртал гениталиите и пубичните влакна на неговите женски модели, а потоа продолжувал со остатокот на сликата.
Недовршеноста како свесен чин е стар феномен. Така, „Робовите" на Микеланџело излегуваат од парчињата мермер, но не се целосно дефинирани. Кај импресионистите пак тешко е воопшто да се одреди што е завршено, што недовршено, а што намерна игра со тенката граница помеѓу двете.
Ваквата фасцинираност со недовршени дела има и во други уметности. Во музиката на пример има обиди современи композитори да допишат страници на недовршени композиции и опери. Но во визуелните уметности никој не се обидел да го доработи Микеланџело или да го доцрта Ван Гог. Во таа смисла и крајот на овој текст ќе го оставиме