Приказната за Титаник вообичаено завршува со потонувањето на бродот во април 1912, спасувањето на преживеаните и последователните подобрувања на безбедноста на прекуокеанските бродови. Но што се случило со мрвите? Повеќе од 1500 жртви завршиле во северниот Атлантик, а посадата на четирите бродови на кои им била доверена оваа задача од водата извлекле само 337 тела.
Како да се објасни оваа голема разлика? Истражувачката Џес Бир (Jess Bier) се занимава со она што се случувало со овие тела и објаснува дека нивната идентификација и третман зависеле од економскиот фактор - од тоа дали биле од посиромашните патници или од богатите. Телата на оние кои имале билети од трета класа биле враќани во морето, а оние на патниците во луксузната класа чувани за да им се овозможи погреб на копно.
Микрокосмосот на класните разлики на Титаник и претходно беше познат. Патниците од првата класа имале многу поголема шанса за преживување, а некои од оние од третата наводно биле заклучени во простории под палубата. Но класните разлики продолжувале да важат и по смртта. Бир ги споредува зачувувањето и враќањето на едните, наспроти рапидното распаѓање и погребување во океанот на телата на другите. Отприлика една третина од извлечените тела, околу 114 на број, биле вратени во истите оние води од кои еднаш биле извлечени.
Тогаш релативно новата идеја на животно осигурување придодала монетарна вредност на некои тела. Богатите патници биле покриени во оваа смисла, со пари кои биле доволни за нивно кремирање или погребување. Всушност, имало два главни критериума за телата да бидат сочувани за копнено испраќање - тие требало да бидат лесно препознатливи како поединци, дури и како човечки суштества (кога ќе поминеле повеќе денови на сонце остатоците веќе и не личеле на човечки). Второ, телата требало да имаат економска и социјална вредност.
Извлечените биле регистрирани под број, нивните физички крактеристики, облеката и личните предмети биле документирани и складирани одделно, обележани со истото бројче. Но со оглед на ограничениот простор за складирање и на мртвите и на нивната сопственост, посадата морала да прави тријажа и да носи моментални одлуки.
Патниците од прва и од втора класа, идентификувани како такви согласно изгледот и другите знаци, биле балсамирани. Првите добиле дрвени ковчези; вторите биле завиткувани во платна и чувани посебно. Телата на патниците од трета класа и на посадата не биле балсамирани туку само завиткани во платна, ставени на палубата и подготвени да бидат погребани на отворено море со групна церемонија.
Ниту еден од „видните“ луѓе не бил фрлен в море. Голем број артефакти кои им припаѓале на оние кои завршиле во водите биле донесени на копно, но потоа запалени како „неподигната сопственост“. Во меѓувреме, петте милиони долари за бродот биле испатени во рамки на 30 дена од потопувањето.
Бир пишува и дека целата процедура по потонувањето на Титаник „одиграла улога во идните практики на идентификација на тела, која почнала да се стандардизира дури по Втората светска војна“. Сето ова секако се одвивало пред ДНК анализите, па оттаму биле можни и грешки и намерни измами.