Пред десет години бев во воз кој го напушташе Њујорк кога ми ѕвонеше мобилниот.
„Ало. Дали е тоа Мајкл Канингем?“
„Да“
„Овде Дејвид Боуви. Се надевам не се јавувам во незгодно време.“
„Кој и да си“, реков, „ова е навистина сурова заебанција“.
Бев сигурен дека ова е масло на некој пријател, некој доволно близок да знае дека ги имам слушано Зиги Стардаст и Дајмонд догс по отприлика 10,000 пати кога бев на факултет, и дека и денес го слушам Боуви најмалку еднаш неделно. Тој пријател веројатно знае и за моите младешки обиди да изгледам како Дејвид Боуви, иако бледо, слабо дете кое оди по улиците на Пасадена, Калифорнија невешто офарбано црвено и со маица на Зиги Стардаст никому не му изгледаше како рок ѕвезда освен на мене. Заебантот кој ми се јавуваше преправајќи се дека е Боуви можеби знаеше дека го чекав овој повик речиси 35 години.
„Не, стварно“, рече гласот, „тука е Дејвид. Како сте?“
Одеднаш, изгледаше можно ова да е Дејвид Боуви, бидејќи не знаев никој друг кој би можел да изведе толку убедлива имитација на тој особено тивок, нијансиран и длабоко познат глас.
Мислам дека реков нешто како: „О, здраво Дејвид. Колку убаво изненадување“
Ова беше во текот на мал застој во кариерата на Боуви. По неговиот албум „Реалност“, кој излезе во 2003, тој не објави нова музика цела деценија. Во 2004 имаше срцев удар. Остатокот од животот имаше здравствени проблеми, вклучително и ракот кој на крај го уби.
Но кога ми се јави планираше нов проект, мјузикл. Рече јас да ја напишам книгата, а тој ќе ја напише музиката. Не одеше во детали по телефон, но се договоривме за ручек во Њујорк следната недела.
Признавам дека откако го спуштив телефонот се чувствував малку...променето. Јас сум некој кој доби повик од Дејвид Боуви. Тинејџерот со лошата фарба, оној кој ја пееше „Спејс одити“ во одделот за замрзната храна во супермаркетот, сепак не исчезнал. Само бил хиберниран неколку минати децении.
За нашата прва средба Дејвид одбра совршен но невпечатлив јапонски ресторан во Вест Вилиџ. Кога пристигнав веќе беше таму со прекрасна жена која му беше асистент со децении. Ме запозна со неа и ми кажа дека се восхитува на моите книги. Му реков дека се восхитувам на неговата музика.
Не паднав во несвест. Не цмиздрев. Не му кажав дека голем број од неговите песни ми имаат влезено во ДНК. Што е повеќе заслуга на Дејвид отколку моја. Беше способен да го менаџира фактот дека тој е Дејвид Боуви, а вие не.
Откако преминавме на главното, го прашав каков мјузикл би сакал да работиме. Призна дека го интригира идејата за вонземјанин заглавен на Земјата. Никогаш не бил целосно задоволен со вонземјанинот кој го играл во „Човекот кој падна на земјата“ од 1976. Рече дека сака барем еден од ликовите да биде вонземјанин.
И мене ме привлекуваше оваа идеја. Само што напишав роман за вонземски имигранти кои доаѓаат во нашиот свет заради тоа што нивната планета е посурова и полоша за живеење отколку било кое пеколно место на Земјата. Вонземјаните се само малку изненадени кога, откако еднаш ќе дојдат на Земјата, се дискриминирани и омразени, и можат да работат само на такви места на кои не би работел ниеден земјанин.
И секако, моето сопствено адолесцентно чувство на отуѓен вонземјанин, со само Дејвид Б. како друштво.
Вонземјани? Секако, можам да го правам тоа.
Со извесно снебивање Дејвид ми рече дека замислува мјузиклот да се одвива во идината. Заплетот би се одвивал околу куп непознати, неснимени песни на Боб Дилан, кои биле откриени откако Дилан умрел. Всушност нив би ги напишал самиот Боуви.
Ова не го очекував. Да, Дејвид имаше снимено „Песна за Дилан“ на албумот Ханки Дори од 1971, но тоа беше песна за Дилан, а не песна наводно напишана од Дилан.
Потоа, во втор напад на непријатност, рече дека замислува да бидат вклучени популарни уметници кои сепак не се сметаат за „големи“, особено поетесата Ема Лазарус, која ја има напишано „Новиот Колос“. Тоа е онаа која стои на плакетата под Статуата на слободата.
По неколку дена ми се јави велејќи дека заборавил нешто. Би му било мило доколку би можела да биде вклучена и маријачи музика, која е потценета вон Мексико.
Следните неколку месеци работевме заедно. Успеав некако да ги вклучам сите елементи во книгата, освен неоткриените песни од Дилан.
Дејвид се покажа енормно интелигентен, љубезен, великодушен и емотивен. По кратко време веќе не бев опседнат од фактот дека пишувам мјузикл со Дејвид Боуви. Колку можеш да бидеш опседнат со некого кога објектот на твоето обожување вели, без грам иронија, дека е возбуден што почнува нов проект затоа што: „Сега ќе можам да направам едно од моите омилени нешта. Да одам до книжарница и да си купам моливчиња и стикери!“.
Во мојот ум тој помина низ процес кој би можел да го наречам хуманизација. Сè повеќе сфаќав дека вистинскиот Дејвид Боуви беше гениј со сомнителна фризура, кој сака стикери и покажува ентузијазам за десетици мали бели чевличиња кои ги собирав од кутии со фрлени играчки, а кои стоеа на една од моите полици.
Сепак, како што неделите стануваа месеци, не можев да се отарасам од чувството дека тој е член на вид сличен на мојот, но и малку поинаков. Ми беше понекогаш тешко да се концентрирам на нашата работа - јас да бидам вистински соработник - во светлината на неговата брилијантност.
Смислуваше кратки парчиња музика, на пијано или на синтисајзер, кога бевме кај него. Никогаш не сум бил во присуство на ваков талент, барем не во првите моменти на компонирање, кога тој пробуваше де ова де она. Но она што тој само го пробуваше беше веднаш и зрело и трогателно. Жал ми е што не можам да ви го репродуцирам. Никогаш не беше снимено.
Песните беа без сомнение убави, но имаа некаква мрачна позадина. Содржеа чувство на итност. Беа прекрасни но и некако морничави.
Бевме на половина од првата скица кога неговите проблеми со срцето повторно се појавија. Овој пат мораше итно на операција.
Нашиот мјузикл беше паузиран. И никогаш не продолживме.
Смртта на еден проект често е тешко да се дијагностицира. Дејвид беше со слабо здравје долго време. Можеби и нашиот ентузијазам се олади со текот на времето - можеби загубивме верба во налудничавите идеи кои се обидувавме да ги претвориме во разбирливи. Можеби тој не сакаше да ми каже дека неговиот интерес замре уште пред болеста, дека мојот сензибилитет не беше доволно откачен за него. Тој беше таков човек кој би имал проблем да ви каже такво нешто.
По неговата операција се видовме уште еднаш-два пати, разменувавме по некој мејл, а потоа сè поретко и поретко. Тој објави нов албум во 2013, „Следниот ден“ и почна да работи на неговиот последен албум, „Блекстар“. Никој од нас не го спомна веќе мјузиклот. Беше постигната тивка согласност, а со тоа и снебивање од двете страни да зборуваат за нешто што веќе не беше во нашата иднина.
Ги ставив белите пластични чевличиња од кукли во пакет и му го оставив кај домарот додека се опоравуваше. Ми пиша со благодарност. Тоа можеби беше нашата последна комуникација. Или претпоследна.
Неколку години подоцна поминував крај Њујоршката театарска работилница, оф-Бродвеј театар во Ист Вилиџ, и видов постер за следната претстава: Лазарус, со музика од Дејвид Боуви, режирана од Белгиецот Ајво ван Хове.
Чудно, но не бев вознемирен. Сфатив дека Дејвид продолжил со друг автор, а тоа беше како да сте налетале на љубовник од длабокото минато, во прегратка на нов љубовник, сфаќајќи дека толку одамна претстанал да ви недостасува што можете да му посакате само среќа. Сте биле некогаш среќни заедно, а вашата разделба иако не безболна, сепак не оставила длабоки лузни.
Му пишав на Дејвид таа вечер, му реков дека ми е мило што нашиот проект не само што опстанал туку и еволуирал, и дека би сакал да дојдам на премиерата. Ми рече дека и тој би го сакал истото.
„Лазарус“ личеше на мојот и мјузиклот на Дејвид само во тоа што се фокусираше на вонземјанин. Голем број од песните беа од претходни албуми на Дејвид, а новите воопшто не личеа на оние кои тој ги смислуваше додека работевме. Не беше баш јасно од каде насловот, или барем никому друг освен мене.
Откако шоуто заврши, го чекав Дејвид во театарот. Кога се појави од зад сцената едвај го препознав: речиси без тело, со огромни очи, тешко дишење. Како да остарел 30 години откако последен пат го имав видено.
Кратко се прегрнавме - чувствував дека морам да бидам нежен - и рече дека му е жал ама дека ќе мора да седнеме.
Седевме на две театарски седишта. Му реков дека ми е мило што нашата идеја не исчезна. Климна со главата. Му ја земав раката. Ми ја стисна мојата. По некој момент една жена дојде да го испрати.
Умре нешто повеќе од еден месец потоа.
Дури и претстави кои се завршени, кои се навистина значајни, се скици за нешто неискажливо, вонсериско, невозможно да се постигне; нешто кое можеме да го замислиме но не и целосно да го артикулираме; нешто кое нè прободува и нè трансформира и ни ги прави животите поголеми и посветли отколку што биле претходно.
Подготвени? Дали го слушате, дали го гледате тоа? Не се секирајте ако ви нема смисла. Тоа би требало да е она што ви е најубаво, она што ви е најтрогателно и највистинско. Тоа би требало да е она на што се надевате, секој пат кога се крева завесата.
Целиот текст тука