Секоја година во Фрута, Колорадо, се собираат илјадници луѓе за да го прослават животот на најславниот петел без глава. И ова не е измислен, туку многу реален лик.
На 10 септември 1945 еден фармер по име Лојд Олсен од Фрута, Колорадо, излегол во дворот да си заколе кокошка за вечера. Одбрал пет и пол месечен петел по име Мајк. Секирата отстранила дел од неговата глава но ја промашила главната вена, оставајќи едно уво и поголем дел од мозокот неначнат.
Така птицата се уште можела да балансира и да оди, додуша со тетеравење. Сиротото се обидувало да клука зрна и да испушта звук, но наместо тоа од грлото му излегувало само кркорење.
Газдите во ова виделе можност да заработат од „чудото“. Го хранеле со пипета, со мешавина на вода и млеко и му давале мали зрна пченка. Наскоро Мајк станал ѕвезда - бил фотографиран за десетина списанија и весници, а го имало дури и во „Тајм“ и „Лајф“. На настаните на кои бил јавно изложуван на посетителите им било наплаќано по 25 центи. На врвот на популарноста се смета дека неговиот сопственик заработувал 4500 долари месечно (денешни повеќе од 50 илјади долари).
Но во март 1947 сè се свртило наопаку. Во мотел во Феникс, Мајк почнал да се дави среде ноќ од зрно пченка. Олсенови ги имале заборавено своите алатки за хранење на местото каде што тој настапувал претходниот ден. Единствено што им преостанувало било да немоќно да гледаат како се дави.
Денес „Мајк петелот без глава“ е културна институција која го организира годишниот фестивал, и тоа го прави од 1999. Настаните вклучуваат трка во која учесниците треба да трчаат како кокошки без глава, и бинго со кокошкини брбушки кои се ставаат на местото на бројките.