Приказната дека првиот компјутерски „баг“ бил вистинска бубачка не е точна?

Приказната што ја знаевме е следна: на 9 септември 1947 и тоа точно во 15:45 е регистриран „првиот вистински случај на компјутерски баг“ - молец најден во електричните кола на компјутерот Марк 2 на Харвард. Од тогаш наводно и датира употребата на овој термин за инженерска или техничка грешка. Но тој е всушност постар и нема врска со конкретниот молец, кој изгледа бил зафрканција.

Грејс Хопер била американска математичарка, компјутерски инженер и адмирал во воената морнарица, најпозната по развивање на некои од првите програмски јазици и работата на компјутерот Марк 1 лоциран на Харвард. На 9 септември 1947 во нејзиниот дневник за работата на наследникот на истиот компјутер, Марк 2, е забележан необичен инцидент. Кога машината почнала да јавува некакви проблеми, нејзините колеги го отвориле компјутерот и таму откриле - вистински инсект, кого буквално требало да го дебагираат. Така сиротиот молец завршил залепен со селотејп во дневникот, а терминот „баг“ влегол во употреба за каков и да е инженерски или технички проблем.

Приказната е повторена толку пати, сосе фотографијата од „материјалниот доказ“, што е веќе влезена во легендите. Но ако доволно прочепкате ќе најдете и спротивставени мислења, дека целата работа е токму тоа - легенда. И не дека не е атрактивна, но сепак не е до крај вистинита. 

На еден од тие блогови се наведуваат најмалку два контра-аргументи. Првиот е дека во комплицираната структура на компјутерот (види слика) тешко дека би можел да најде еден единствен инсект, кој веројатно во некој момент просто прелетал и со тоа го привлекол вниманието. Всушност, во дневникот не е запишано дека тој направил некаков проблем - текстот едноставно гласи „прв реален случај на пронајден баг“. Ова води кон вториот аргумент, дека терминот „баг“ (инсект) веќе бил познат, па Хопер или кој и да е кој го водел дневникот реферира на него. 

Имено, на 3 март 1878, Томас Едисон веќе реферирал на „баг“ кој влијае врз неговата тогаш нова технологија, а кој не нужно бил реална бубачка. 

„Најдов баг во мојот апарат, но не во самиот телефон. Беше од видот callbellum [што звучи како шега која асоцира на Александар Бел, бидејќи инсект со вакво име не постои]. Toj изгледа си наоѓа услови за постоење во сите повикувачки апарати на телефоните“

„Баг“-овите биле вообичаен проблем во Квадриплекс телеграфите во 19 век и поконкретно се однесувале на „лажни сигнали“. За да ги спречи, Едисон изумил нешто наречено „стапица за багови“, што од тогаш натаму станало вообичаен термин за каква и да е инженерска грешка или аномалија. Тоа значи дека кој и да го внел дневничкиот запис од 1947 само го регистрирал фактот дека тој ден малку „освежил“ на работа, благодарејќи на еден молец. 

9 јануари 2025 - 11:27