За #bookchallenge, пак

Престанете да лажете кои ви се омилени книги на Фејсбук

Неодамна се обидовме да почнеме книгопредизвик, кој иако беше инспириран од она што веќе се случуваше на социјалните мрежи, содржеше еден малку поинаков, но суштински детал - не правење списоци на „книги кои ви го смениле животот", туку вистинско читање. Aма...

Неколку дена подоцна Македонија „го откри" #bookchallenge, и - погодувате - почна да прави листи од 10 книги, кои за оние кои го прифаќаат предизвикот биле клучни во формирањето на нивниот светоглед. Иако ваквата методологија уште од почетокот ја нарековме „глупа", еве ги подеталните аргументи:

1. Не може 10 книги да ви го смениле животот, исто како што не може 10 луѓе да биле „љубовта на вашиот живот". Катарзично-просветлувачките искуства се ретки, и не секогаш пријатни. Ако некој има 20-тина години и веќе имал време да прочита доволно книги, од кои дури 10 му го смениле животот, колку години реално тој требало да живее?

2. За некоја книга да ви го сменила животот, или барем да ви се допаднала, се претпоставува дека требало да ја прочитате. Ако Илијадата, Библијата и Улис се истовремено на нечиј список, тој е или книжевен маратонец за почит, или - лаже. Ова го заклучил и Хафингтон пост, кој коментирајќи ги нуспојавите на истиот предизвик, наведува список кој е во најмала рака претенциозен, а најверојатно лажен.

3. Дури и најискрено составената листа не кажува ништо за причините зошто некоја книга некому му се допаднала, и зошто е таа генерално добра. Што значи ако видам дека некому му се допаѓа „речиси сè" од Толстој? Некои негови книги не влегуваат на списокот, или некои делови од книги? Некои ликови не се ок? Или е искажана резерва кон некои негови ставови?

Самиот формат на задачата прави карикатура од инаку благородната идеја, да се промовира читањето. Најпродаваните книги по нашите книжарници никаде ги нема на списоците, а доминираат наслови кои како да се препишани од „100 најважни книги на сите времиња". Читањето така станува - парадоксално - оповршнет (и лажен) елитизам. Можеби и ништо подобро не може да се очекува од акција покрената на Фејсбук. Од друга страна, ако не таму - каде? Затоа со мнозинство гласови ја прогласуваме нашата идеја за една (1) книга што се препорачува за читање за попрактична, пореална и подобра. А ич не мора да е со тврда корица. Истовремено, прогласуваме автономија, и воведуваме нов хаштаг #книгопредизвик, или букчелинџ вистинска.

9 септември 2014 - 10:13