#bookchallenge

Книгопредизвик за вас прекрасни луѓе

Варијации на тема „предизвици" по урнекот на кофите студена вода има многу, а некои од нив веројатно и не се многу пријатни. Ние ви нудиме еден кој е образовно-забавно-хуманитарен, и не претерано тежок.

Пријатели од братска Србија нè известија дека таму (каде и да е тоа „таму" на социјалните мрежи) е во тек книжевен предизвик, според кој номинираниот наведува список од 10 негови омилени книги и ја тера работата понатаму, номинирајќи други. Во моментов на него одговараат познати личности од српската уметничка сцена и уште попознатата естрада. Сатиричниот Њузнет објави дури и пародија со нивните политичари.

Правењето списоци на омилени книги ни е глупо, затоа што не гледаме некој голем предизвик во тоа да наведеш 10 книги кои и не мора да си ги читал, а сигурни сме дека на голем број листи би ги виделе истите руски класици или „Малиот принц". Затоа ви нудиме нешто поинакво - предизвик за вистинско читање! (тука извик на изненадување од публиката во студиото)

Значи, кажувам книга која мислам дека е добра, номинирам тројца кои треба да ја прочитаат и да предложат свои. Во меѓувреме секој кој учествувал треба да остави која и да е книга - донација, во сендвичарата „Пепер" на Ленинова каде веќе постои кутија за размена. Kнигите ќе ги донираме кога ќе се потсоберат, некаде кадешто за тоа има потреба.

Еве, мојот предизвик е збирката на Блаже Конески „Песни" од 1953, ретко издание кое можете да го најдете на Maкедоника. Ако не сте регистрирани, многу е лесно. Книжевната ракавица им ја фрлам на Дарјан Раденковиќ, Васил Карев и Ана Чушкова. Нека тераат понатаму со свои предлози и номинирани со #bookchallenge на ФБ и Твитер. И да, нека остават книга во „Пепер“.

4 септември 2014 - 15:23