Во 1964, вечерта кога Касиус Клеј го победил Сони Листон, тогашниот шампион во тешка категорија, насобраната толпа само чекала Листон да го прегази младиот боксер. Облозите биле 7 наспроти 1 во корист на повозрасниот и поискусниот. Во целата тензична атмосфера полна тестостерон и чад од цигари малкумина забележале еден висок, тивок човек крај рингот, бескпрекорно облечен во темно одело, кравата и бела кошула.
Непознатиот бил пријателот на Али и негов ментор, Малком Икс. Со насмевка ја дочекал победата на Клеј, но не бил изненаден, бидејќи сметал дека Алах тоа однапред го има средено. Следното утро, на прес конференција, Клеј изјавил дека од тој момент ќе биде познат како Касиус Икс. Еден месец подоцна ќе го земе името под кое ќе стане славен: Мухамед Али.
Новата книга, „Браќа по крв: фаталното пријателство помеѓу Мухамед Али и Малком Икс" е хроника на пријателството помеѓу овие необични карактери. Еден од авторите на книгата, Џони Смит, историчар на Универзитетот Џорија, вели дека двајцата се сретнале уште во 1962. Тогаш Касиус и неговиот брат, Рудолф Валентино Клеј присуствувале на митинг во Чикаго организиран од Нација на исламот (афро-американско верско движење основано во САД во 1930). Малком одржал воведен говор, а браќата биле хипнотизирани од неговото ораторство.
Од друга страна, Малком многу бргу ја сфатил користа која движењето би можело да го има од привлекувањето на личности како младиот боксер. Почнале да се дружат, и Малком му станал нешто како постар брат. Но сето ова на почетокот било држено во тајност бидејќи белата Америка била преплашена од движењето, па обелоденувањето на членството на Касиус во него би можело да значи крај на неговата спортска кариера.
Но по победата над Сони Линстон, додека шокот се уште траел, тој соопштил дека е член на групата, што предизвикало не само реакција кај белците, туку и кај тогашните црни водачи за граѓански права, кои сметале дека постоењето на Нацијата, со острата анти-белечка идеологија и антисемитизмот е токму спротивното од она на што тие работеле - мирна интеграција.
Интересно е што истовремено со зголемувањето на влијанието на Али, она на Малком се намалувало. Бил прогласен за непожелен од движењето, особено откако обелоденил дека основачот на Нацијата, пречесниот Елајџа Мухамед, имал неколку вонбрачни деца со неговите секретарки. Самиот водач го суспендирал и му забранил јавно да зборува. Набргу Малком го напуштил движењето, сметајќи дека и Али ќе го следи.
Ама згрешил. Али му свртел грб, па дури и бил навреден од однесувањето на неговиот пријател. Тие се сретнале само уште еднаш, пред хотел во главниот град на Гана, Акра. Малком се обидел да му направи муабет, но Али само го прекорил и заминал. Малком бил убиен следната година.
Според авторите на книгата скршеното пријателство со Малком му била доживотна болка на Али, особено откако тој самиот излегол од Нацијата и се конвертирал во суни ислам, истата вера која ја прифатил и неговиот поранешен ментор откако го напуштил движењето. Нивната приказна покажува дека светот на спортот и оној на политичките и расните проблеми не се, и не можат да бидат строго одделени, туку дека тие се преплетуваат.
Али ја пее „Стенд бај ми"
Извор: НПР