Денешните музејски посетители на поставки со древни артефакти наидуваат на куп метални и дрвени предмети. Но посетителите од иднината, за да добијат претстава за нашето време, ќе треба да знаат нешто за оние направени од пластика. Научниците сега се обидуваат да најдат начини да ги сочуваат истите.
Фенови, телевизори, машини за куцање и шишиња за млеко се некои од стотиците пластични предмети направени во Источна Германија помеѓу 1949 и 1990, а кои ќе бидат анализирани во истражувачки проект на Конзервацискиот институт Гети, музејот Венде во близина на Лос Анѓелес и Музејот на дизајнот во Минхен.
Конзервацијата на пластиката е комплексно поле кое почнало да се развива во 1990-тите. Различни пластики направени од широк опсег материјали и со помош на различни фабрички процеси стареат на радикално различни начини: некои од нив се сушат и пукаат, други почнуваат да „течат“ или да се дујат. Главно сите ја губат оригиналната боја.
Соодветно на ова, конзервацијата бара и различни пристапи. На пример сад направен од целулозен нитрат ќе старее поинаку отколку ист таков сад направен од целулозен ацетат, и оттаму и грижата за нив треба да се разликува.
Музејот на дизајн Die Neue Sammlung во Минхен поседува над 1000 источно-германски предмети направени од пластика. Целта и на оваа институција и на другите учесници во проектот е да се состави прирачник за музеите и колекционерите, за тие да можат да идентификуваат различни материјали и да научат како стареат, со совети за нивно третирање. Целото истражување ќе трае две и пол години и ќе резултира со изложба под работен наслов „Куќа од пластика“ во Пинакотеката на модерната во Минхен.
Источна Германија била голем производител на пластика, извезувајќи ја низ цела Источна Европа па дури и на запад. Збирката на спомнатиот германски музеј вклучува дури и Вартбург П70, еден од првите автомобили направен со пластично тело во 1950-тите. Материјалот кој се користел бил дуропласт, пластика која содржи смола со моќни својства.
Она по што се разликуваат пластичните артефакти од оние металните и дрвените е што кај нив нема „патина“, која може да додаде на убавината на предметот. Освен конзерваторите и научниците, никој друг не паѓа во несвест од стара пластика. Па сепак таа има историска и археолошка вредност која треба да биде сочувана.