Ладалата во минатото биле модени додатоци, статусни симболи, па и начин на ширење политичка пропаганда. Најстарите се смета дека датираат од пред 4000 години од Египет. Еѓипјаните ги сметале за свети предмети, а во гробницата на Тутанкамон се пронајдени две детално украсени ладала. Оние на расклопување биле измислени во Јапонија во седмиот век, но Европејците не дознале за нив се до шеснаесетиот.
До моментот кога Португалците ги донеле на стариот континент, Европејците користеле фиксни, отворени ладала. Тогашната мода подразбирала тешки и тесни облеки, што значело дека на оној кој ги носи му било топло дури и кога надвор било свежичко. Оттаму елитата почнала да носи лепези направени од скапи материјали, украсени со скапоцени камења и рачно насликани. Во Викторијанската ера модата на припиена облека се преселила и во САД, а со европските доселеници таму пристигнале и лепезите.
Во тоа индустријализирано доба, литографијата и масовното производство, на пример машините кои можеле да ги сечат и спојуваат големиот број стапчиња кои го држат ладалото, овозможиле лепези да имаат и оние кои не спаѓале во највисоките кругови. Истовремено, богатите Американки се фалеле со рачно направени лепези увезени од Европа.
Ладалата останале во употреба и во 20 век, често пати во комплет со вечерната женска тоалета. Популарен стил од 1860-тите подразбирал пердуви од ној офарбани така за да одговараат на фустанот; до 1920-тите овие биле единствените лепези кои се уште биле во широка употреба.
Но тоа е време и на малку поинакви ладала, кои служеле како рекламни материјали. На пример, лепеза од 1893 била направена да изгледа како цигара која кога ќе се отворела откривала ладало со американското знаме. Организаторите на политичките кампањи им ги раздавале на жените додека им давале вистински цигари на мажите.
Популарноста на ладалата во 20 и 21 век е значително намалена, но со оглед на глобалното затоплување и истовременото поскапување на струјата, ништо чудно повторно да почнеме да си носиме лепези, без оглед дали тие се механички или од оние малите вентилаторчиња на батерии.